• петок, 22 ноември 2024

Оставка поднесе и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, кадар на Социјалистичката партија

Оставка поднесе и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, кадар на Социјалистичката партија
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Директорот на скопското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата бидејќи, како што соопштуваат од Социјалистичката партија на Македонија, не е задоволен од соработката со градоначалничката Данела Арсовска. Сотировски е кадар на Социјалистичката партија, која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека во изминатиот период, Сотировски со неговата стручност, морален интегритет и посветеност во исполнувањето на предвидените програмски активности овозможија стабилизирање и развој на ова јавно претпријатие. - Меѓутоа, за сметка на декларативната независност, неприфатлив е нејзиниот неразумен и одмазнички однос кон кадрите предложени од политичките партии кои застанаа зад нејзината кандидатура и промоција и кои несебично учествуваа во изборната кампања. Со тоа сметаме дека таа, со потценувачкиот однос, не само што ги предаде политичките партии од Коалицијата „Обнова на Македонија“ и пошироко кои искрено и цврсто застанаа зад неа, туку ја изневери довербата и очекувањата на граѓаните на Скопје кои го дадоа својот глас за неа и за Програмата „Модерно Скопје“, посочуваат од партијата во објава на нивната фејсбук-страница. Претходните денови оставки дадоа и директорите на  „Градски паркинг“ - Скопје, Бојан Христовски, ЈП „Дрисла“, Јане Мицевски, на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, на ЈСП Турс, Филип Василевски и на Јавното претпријатие за благосостојба на животни скитници Лајка – Скопје, Воислав Димитровски, откако беше разрешен в.д. директорот ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, Златко Перински. фф/бак/

Остани поврзан