• понеделник, 25 ноември 2024

Османи на вонреден состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи

Османи на вонреден состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи

Скопје, 20 август 2021 (МИА) - Улогата и идните активности на НАТО по последните случувања во Авганистан како и потребата од натамошна забрзана евакуација на граѓаните на земјите-членки и партнери и авганистанските граѓани кои беа ангжирани од страна на НАТО и други меѓународни организации во изминатите 20 години и сакаат да ја напуштат земјата, биле дел од темите на разговор на вонредниот состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи на кој преку видео-конференција учествуваше и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Од МНР соопштија дека министерот Османи на состанокот информирал и за одлуката на Владата за времено прифаќање на цивили од Авганистан, кои биле дел од хуманитарни мисии и соработувале со НАТО сојузниците.

 -Во дискусиите беа искажани очекувања дека Талибанците ќе се придржуваат кон преземените обврски и нема да дозволат поддршка на меѓународниот тероризам, додека во земјата ќе обезбедат подеднакви човечки права за сите граѓани. Во спротивно ќе се соочат со санкции и меѓународна изолација, се наведува во соопштението на МНР.  

Министерот Османи се заложил фокусот на Алијансата и понатаму да биде ставен врз хуманитарниот аспект и како примарна ја издвои потребата за продолжување на операцијата за евакуација.

-Во тесна координација со сојузниците, успеавме да ги евакуираме нашите државјани од Авганистан, за што сакам да ви се заблагодарам за помошта. Сеуште мислиме дека ова треба да биде нашата примарна мисија, да обезбедиме сигурно заминување на сите наши граѓани од Авганистан. Евакуацијата на локалниот авганистански персонал и нивните семејства кои работеа со нас во изминатите 20 години е подеднакво значајна, истакна Османи.

Министерот се заложил фокусот да биде ставен и врз справувањето со заканите од поттикнување на меѓународниот тероризам од Авганистан. бк/лв/

Остани поврзан