• сабота, 02 ноември 2024

Османи во Солун на средби со шефовите на дипломатиите на Грција, Словенија и Србија

Османи во Солун на средби со шефовите на дипломатиите на Грција, Словенија и Србија

Скопје, 10 јуни 2022 (МИА) - Шефот на дипломатијата Бујар Османи, на маргините на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Солун, имаше средби со своите колеги од Грција, Никос Дендиас, на Словенија Тања Фајон и на Србија, Никола Селаковиќ.

Како што соопшти МНР, упатувајќи честитки за формирањето на новата Влада на Словенија, Османи упати благодарност за досегашната континуирана словенечка поддршка за напорите на Северна Македонија за реализација на своите стратешки цели, особено нагласена за време на претседавањето на Словенија со Советот на Европската Унија.

Министрите се осврнаа и на актуелната тешка ситуација во Украина, осудувајќи ја неоправданата и нехумана воена агресија на Русија, потенцирајќи дека тоа е сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа. При тоа, разменети беа и мислења за последиците врз економиите и енергетските токови во Европа и пошироко, како и хуманитарната криза на бегалците од Украина.

На средбата со српскиот министер Селаковиќ, беше нагласено задоволството од успешно завршениот Самит на Отворен Балкан во Охрид, како и потврдата на државите учеснички за неговите досега постигнати резултати и ефекти во однос на понатамошното либерализирање на движењето на луѓето, робата, услугите и капиталот.

Посебно беше истакнат фактот што се договорија нови форми на понатамошна нагласена соработка во областа на вработувањето, туризмот и културата. Развојот на ваквите иницијативи е најдобар начин за напредок на нашиот регион, што е и целта на патот на интеграцијата во ЕУ, но тие треба да бидат инклузивни и не смеат да бидат во колизија ниту замена за членството на сите држави од регионот во ЕУ.

Министрите Османи и Селаковиќ, и го поздравија развојот на процесот и досегашните одлуки на МПЦ-ОА и СПЦ, со што се овозможува надминување на меѓусебните недоразбирања на овој план, како и конечно разрешување на прашањето со автокефалноста на МПЦ-ОА во Цариград, каде наскоро се очекува одржување на заедничка литургија во Вселенската патријаршија и добивање томос.

На маргините на министерската конференција, Османи се сретна и со неговиот грчки колега, а како што објави на „Твитер“ министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, имал куса средба со МНР на Северна Македонија „во продолжение на неодамнешната посета на Скопје“. нд/ср/

Остани поврзан