• понеделник, 23 декември 2024

Османи: Возможен е патоказ за следење на Договорот со Бугарија, како дел од ЕУ-процесот, но не и во преговарачката рамка

Османи: Возможен е патоказ за следење на Договорот со Бугарија, како дел од ЕУ-процесот, но не и во преговарачката рамка
Скопје, 27 ноември 2020 (МИА) - Ако констатираме дека Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. Османи, во интервју за „360 степени“, говореше за споменувањето од Бугарија на варијанти за патоказ или “патна карта” за спроведување на Договорот за добрососедство. -Самиот Договор е патоказ. Знаете дека Договорот покрај Комисијата на историчари предвидува и меѓувладина комисија која се состанува еднаш годишно и прави пресек на постигнатото, констатира што е постигнато што не е постигнато. Договорот има предвидено механизми како да се контролира, но ако констатираме дека еве Договорот не испорачува доверба, можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, меѓутоа сметаме дека тоа не треба да биде дел од преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно, вели Османи. Тој додава дека патоказот, сепак, би бил дел од ЕУ-процесот, иако не би бил формално дел од Рамката, бидејќи со тоа не се согласуваат другите земји членки. Деновиве со Бугарија се разговара и на оваа тема, по што ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања. Во интервјуто наведе дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство. -Реално, таа формулација е официјално предложена од Бугарија како решение на еден од КОРЕПЕР-ите (состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ) пред одржување на Советот за општи работи на ЕУ – дека доколку ние ја прифатиме историската реалност, Бугарија ќе ја прифати сегашната реалност. Меѓутоа, мислам дека тој став во моментот е рефлексија на недовербата создадена од Договорот и од процесот кој сме го создале. Бидејќи во право се тие што велат дека Договорот не ја предвидува оваа тема за разговори. Договорот предвидува дека историските комисии ќе ги разгледаат историските аргументи како основа за заедничко одбележување и градење на доверба, истакна Османи. Тој смета дека не постои друго решение освен спроведување на Договорот за добрососедство. -Не постои простор дека може да има договор за таква формулација. Но, во сржта на проблемот е недовербата. Недоверба која постои меѓу општествата подолг период и меѓу интелектуалци, научници, историчари, политичари. Меѓутоа, недовербата се пренесе и на Договорот чијашто улога беше да ја врати довербата. Тоа потоа еволуираше во една ваква форма на резолуција, декларација донесена на Собрание со вакви верзии на дефинирање што било,  рече Османи. Потенцира дека само враќањето на довербата во процесот и спроведувањето на Договорот за добрососедство потпишан во 2017 година може да ги донесе двете земји до решение. мч/скс/  

Остани поврзан