• петок, 05 декември 2025

Општина Ѓорче Петров: Инфраструктурна револуција - 21 проект, 280 милиони денари

Општина Ѓорче Петров: Инфраструктурна револуција - 21 проект, 280 милиони денари

Скопје, 10 јули 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денеска ги потпиша договорите со Министерството за транспорт, за реализација на вкупно 21 инфраструктурен проект на територијата на општината, со вкупна вредност од над 280.000.000 денари.

Со овие проекти, во наредниот период ќе се реконструираат и асфалтираат улици во вкупна должина од над 20 километри, опфаќајќи вкупно околу 90 улици и краци низ сите населени места во општината.

Инвестициите, како што информираат од Општината, ќе се реализираат во Волково, Орман, Кисела Јабука, Кучково, Стопански Двор и Ново Село, а предвидено е уредување на локални улици и краци, пристапни патишта, поставување на ново улично осветлување, како и изградба на нова јавна површина со модерен плоштад и урбана опрема.

Овие проекти се одобрени преку вториот јавен повик на Владата на Република Македонија за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти во локалните самоуправи.

-Со реализацијата на 21 проект, со вредност од над 280 милиони денари, Ѓорче Петров добива значајно подобрена и современа инфраструктура. Асфалтираме повеќе од 20 километри улици, односно околу 90 улици и краци, за поудобно и побезбедно движење на нашите граѓани. Благодариме до Владата и проф. др. Христијан Мицкоски за довербата и поддршката. Продолжуваме посветено и плански да ја развиваме општината, изјавил градоначалникот Александар Стојкоски по потпишувањето. сст/са/

Фото Општина Ѓорче Петров

Остани поврзан