• сабота, 16 ноември 2024

Општина Центар го презентира новиот урбанистички план Градска четврт Ц 04 - Дом на градежници

Општина Центар го презентира новиот урбанистички план Градска четврт Ц 04 - Дом на градежници
Скопје, 1 февруари 2021 (МИА) - Општина Центар на продолжението на 59 седница го изгласа донесувањето на новиот урбанистички план Градска четврт Ц 04 - Дом на градежници, со кој се предвидува поголемо зеленило во градот. Градоначалникот Саша Богдановиќ на презентацијата на планот истакна дека со новите ДУП-ови во Центар зачувани биле над 13.000 метри квадратни парковско зеленило. Станува збор за градска четврт која во голем дел е реализирана и голем дел од објектите се задржуваат во постојна состојба. -Во споредба со стариот ДУП кој предвидува 4.043 метри квадратни парковско зеленило, новиот план има вкупно 5.889 метри квадратни парковско зеленило, со што речиси 13% од површината на четвртта е под парковско зеленило. Наместо да се проширува, евидентиран е постојниот паркинг и задржан е во сегашната состојба, а зголемен е процентот на зеленило и дрвореди. Наместо изградба на паркинг на веќе постоечко детско игралиште, детското игралиште со површина од 408 метри квадратни во новиот план е зачувано, како и постојниот паркинг околу него. Согласно новиот план, сите нови објекти мора да го обезбедат неопходниот број паркинг места во своја парцела, изјави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Тој соопшти дека со новиот план бил избришан еден објект за колективно домување и бил заменет со локален парк од 262 метри квадратни и пешачка патека, како и дека  се задржува пешачката патека „Кај Маршалот“ и таа нема да стане улица за автомобили. -Досега, во ДУП-от Ново маало 1 избришан е хотел, зачувано е зеленилото и изведен е памп трак на површина од 2.927 метри квадратни. Во ДУП Мирче Мацан зголемен е училишен двор на сметка на објект за колективно домување со површина од 922 метри квадратни и намалена е парцелата на трговски објект на сметка на 492 метри квадратни ново зеленило. Во ДУП-от Даре Џамбаз преместена е планираната катна гаража и зачувано е постојно детско игралиште и парковско зеленило со површина од 808 метри квадратни. Во ДУП-от Пролет пренаменета е парцелата на урбаната заедница и на нејзино место ќе никне нова градинка на површина од 1.992 метри квадратни. Во новиот ДУП Пролет избришан е верски објект и на негово место е предвидено парковско зеленило на површина од 804 метри квадратни, а дополнително се предвидени и нови 8.788 метри квадратни парковско зеленило. Во ДУП-от Тасино чешмиче избришан е станбен објект и на негово место на површина од 1.996 метри квадратни е предвидена изградба на нов објект за здравствена заштита. Вкупно, во досега донесените ДУП-ови зачувани се над 13.000 метри квадратни парковско зеленило, појасни градоначалникот Богдановиќ. Од општината известија дека предвидени се пет нови детски градинки во ДУП-овите Геолошки завод и Клинички центар; Парк/Дебар Маало 2; Маџир Маало, Буњаковец и Крњево, нови 2 културни центри (ДУП Парк/Дебар Маало 2 и ДУП Мал Ринг), изведба на еден блоковски парк од 1.061 метар квадратен во ДУП Геолошки завод и Клинички центар и повеќе мали паркови на сметка на бришење на станбени згради. Богдановиќ одговарајќи на новинарско прашање, најави дека ДУП-от за Мал ринг е при крај, односно дека добиле одговор од Град Скопје. -Тоа значи дека го добивме одговорот од Град Скопје. Имавме неколку средби со Министерството за култура, но очекуваме за пет до десет дена уште една координација во Влада. За тие одредени барања кои што имаше, се отвори дискусија во јавноста, тоа е поврзано со Скопје 2014, ако ние го донесеме планот така како што го имаме предложено најголемиот дел се она што не беше започнато ќе се избрише, а останатите парцели коишто се сметаат дека се спорни можат со поединечни кати, рече градоначалникот. Додаде дека останува на ставот дека спомен куќата на Мајка Тереза што претставува голем проблем поради локацијата, треба да се дислоцира. -Спомен куќата на Мајка Тереза не го гледаме ние како проблем поради тоа што не му е местото таму, бидејќи е наместено на улица. И ако поминете таму ќе видите дека нема влез. Нормално плоштадот има неколку влезови но тој влез е попречен. Не дај боже да се случи пожар или било што. Спомен куќата на Мајка Тереза по редот на нештата се наоѓа на место кое што претходно некој друг го продал за хотел, изјави градоначалникот. Тој на крај нагласи дека е важно од еден лош план да се донесе нов подобар и ја искористи приликата да најави и други планови кои се во фаза на усвојување.свс/са/  

Остани поврзан