• петок, 05 декември 2025

Општина Струмица постави сензорски монитори за мерење на загадувањето на воздухот

Општина Струмица постави сензорски монитори за мерење на загадувањето на воздухот

Струмица, 8 мај 2025 (МИА) - Општина Струмица постави шест сензорски монитори за мерење на загадувањето на воздухот на исто толку локации во градот. Мониторите се поставени во рамки на проектот „Мерење и анализа на загадувачи во воздухот на микро локации во Општина Струмица“.

Според градоначалникот Костадин Костадинов, ова е прв ваков сеопфатен проект во државата кој користи најнова технологија и знаење за имплементирање на хиперлокален мониторинг-хиперлокална мрежа од сензорски монитори која овозможува брзо и ефикасно, во било кој временски период, откривање на жаришта и извори на загадување.

-Ние сме и прва општина на Балканот и пошироко која започнува со ваков иновативен проект. Нашата Струмица гради мрежа каква што имаат изградено повеќе од 90 светски метрополи како Лондон, Париз, Хелсинки, Барселона, Милано, Лос Ангелес, Сан Франциско, Сиднеј, Ванкувер и многу други. Овој проект општина Струмица го реализира во соработка со Конзорциум на компании и универзитети од Македонија, САД и Велика Британија, предводени од проф. д-р Сашо Манасов, од Скопје, рече Костадинов.

Струмичкиот градоначалник додаде дека со тоа секој граѓанин на Струмица и пошироко ќе може да следи концентрации за РМ2.5 честички од сензорски монитори поставени на 6 локации во општина Струмица: училишта, детски градинки, индустриски дел, приградски населби. Исто така, оваа апликација ќе биде имплементирана и во Инспекциските служби на Општина Струмица, каде деноноќно ќе се следи загадувањето на воздухот и ќе можат брзо да реагираат за да ги санкционираат несовесните загадувачи.

-Ваквиот проект ќе открие и ќе даде одговор на многу прашања и дилеми со загадувањето во општина Струмица, како на пример, од каде доаѓа загадувањето со сулфур диоксид, какво загадување има во летниот период, какви се концентрации на приземен озон кој е многу штетен за здравјето на најмладите и како температурата и влажноста влијаат врз квалитетот на воздухот, посочи Костадинов.

Според д-р Сашо Манасов, професор по компјутерски технологии и вештачка интелегенција, кој го имплентира овој научен проект, се почнало во 2014 година кога се креирало софтверско и хардверско решение за решавање на проблемот со загадувањето во урбани средини. Нивните проекти се имплементирани во повеќе од 50 држави и повеќе од 90 метрополи во светот.

-Науката е јасна дека загадувањето на воздухот не е рамномерно распределено. Постојат жаришта на загадување на микро локации, каде концентрациите во тие жаришта се неколку пати повисоки од она што го покажуваат државните референтни станици, На пример во Струмица има една државна станица, којашто не може да ги открива жариштата на локации на целата територија на Општина Струмица, туку само во нејзината околина, смета професорот Манасов.

Градоначалникот Костадинов најави дека мрежата постојано ќе се проширува и надоградува со нови локации и со проширување до сите населени места во општина Струмица.

Инаку, денеска се одржа и јавна презентација и беше означен почетокот на функционирањето на локалната мрежа за мерење на загаденоста на амбиенталниот воздух во Општина Струмица. рт/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан