• понеделник, 23 декември 2024

Општина Охрид ги отфрла обвинувањата од „Охрид SOS“ кон градоначалникот Георгиески

Општина Охрид ги отфрла обвинувањата од „Охрид SOS“ кон градоначалникот Георгиески
Охрид, 5 март 2021 (МИА) - Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески се огласија со реакција на обвинувањата на, како што се наведува, таканареченото граѓанско здружение, „Охрид SOS“. Тие смемаат дека односните „критичари, кои поради нејасни причини досега не се јавно декларирани како личности“, на дрзок и недоличен начин, преку навреди и дисквалификации го прозиваат градоначалникот дека наводно давал поддршка на урбанистичката мафија и дека има најголема одговорност за најавената градба на хотел, на локацијата кај поранешниот расторан „Парк“. Според локалната самоуправа, токму во интерес на транспарентноста на постапката и со цел јавноста да биде навремено и точно информирана во врска со прашањето, а и со цел да се избегнат манипулациите со информациите, градоначалникот и одржал прес-конференција на која ги изнел сите детали во врска со тој предмет и без исклучок одговорил на сите поставени новинарски прашања. - Недозволиво е „Охрид SOS“ да се повикува на член од Законот за градење и да тврди дека градоначалникот Георгиески може да сноси кривична одговорност доколку не го поништи правосилното одобрение за градење, бидејќи правна основа за тоа не постои. Основна причина за тоа е фактот што инвеститорот на градбата „Ремис“ ДООЕЛ Охрид согласно одобрението за градење кое му е издадено на 20.04.2018 година и соодветните законски прописи има поднесено известување за започнување на градба на 26.06.2019 година. Иако градоначалникот навремено ги соопшти сите детали за овој предмет, би сакале уште еднаш да ја информираме јавноста дека Локалната урбанистичко планска документација за овој предмет е усвоена на седница на Советот на Општина Охрид со Одлука бр.07-2830/27 од 11.11.2009 година. Согласно урбанистичката документација, правосилното одобрение за градење и одобрениот основен проект бр.20-623 од 06.07.2018 година, на предметната локација ќе се гради објект со намена Б3-големи угостителски единици-ресторан/хотел во висина П+3+Пк(Н=13,50м). Со урбанистичката планска документација е предвидена градежна парцела со површина од 9748 м2 и објект со површина во основа со 4525м2 или со процент на изграденост од 40%. Оддалеченоста на површината, согласно одобрената урбанистичко планска планска документација изнесува 50 метри од Охридското Езеро, се наведува во дописот. Во постапката за издавање на Одобрението за градење, според соопштението, а и според она што го изнесе Георгиески пред медиумите, запазена е постојаната законска регулатива за изградба на објект со таква намена. - Има решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина издадено од Министерство за животна средина и просторно планирање од 23.04.2010 и Водостопанска согласност исто така издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање од 28.10.2016 година, се посочува во соопштението. Согласно тоа, изнесените факти покажуваат дека Општина Охрид и градоначалникот Константин Георгиески транспарентно ги водат сите урбанистички постапки и продолжуваат во континуитет да бидат посветени на исполнување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. - Граѓаните треба да знаат дека преку изнесување на инсинуации и лажни обвинувања и овој пат „Охрид SOS“ се обиде да ја манипулира јавноста, но цврсто сме уверени дека нивните обиди ќе останат безуспешни, се вели во реакцијата од Одделение за односи со јавност во Општина Охрид. аб/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан