Општина Куманово со препораки за намалување на аерозагадувањето
- Првите два дена од новата 2025 година кумановци се соочуваат со аерозагадување, општината денеска извести да се почитуваат повеќе мерки поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10.
Куманово, 3 јануари 2025 (МИА) - Првите два дена од новата 2025 година кумановци се соочуваат со аерозагадување, општината денеска извести да се почитуваат повеќе мерки поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10.
- Согласно добиениот Акциски план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари 2024-2025 година) од Министерство за животна средина и просторно планирање и Заклучокот на Владата од триесет и третата седница, Општина Куманово им препорачува на граѓаните, да користат јавен превоз, да не користат возила без поголема потреба, да се возат повеќе лица во едно возило, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, да се користат правилно печките за дрва и строго се забранува на горење на отворено, информираа, денеска од општината.
Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РСМ препорачаа ранливите категории, децата, старите лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, да го ограничат движењето, а се препорачува и ограничено движење и активности на лицата, кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор.
Лекарите од Куманово во неколку наврати информираа деке е зголемен бројот на пациенти по различни оддели, сè поголем бројот на пациенти кои се жалат на тегоби предизвикани од аерозагадувањето, отежнато дишење, тежина во градите, сува кашлица. Тие препорачуваат прошетки на отворено само доколку се забележи намалување на аерозагадувањето, оние кои имаат можност да набават прочистувачи за внатрешен престој.
Куманово за мерки против аерозагадувањето одвојува најмногу средства во државата. Како долгорочни се сметаат гасификацијата и пошумувањето. Општина Куманово, годинава ќе субвенционира набавка на инвертер клими. Приближно сто семејства ќе добијат субвенција во износ од 20.000 денари за набавка на клими. Од буџетот на општината одвоени се два милиони денари за оваа намена. Куманово претходните години субвенционира приклучок на гас, а од ноември субвенцијата изнесува 25.000 денари. Изминатиов период преку проекти беа засадени висококвалитетни садници на различни локации, а воведен е и бесплатен градски превоз.
Според последните истражува во Куманово дефинирани се шест извори на загадување, најмногу согорување на биомаса чии пикови се евидентни во периодот декември-јануари, потоа сообраќај, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли. ам/цр
Фото: МИА