• сабота, 06 декември 2025

Општина Куманово потпиша договори со четири здруженија за реализација на проекти од областа локален економски развој

Општина Куманово потпиша договори со четири здруженија за реализација на проекти од областа локален економски развој

Куманово, 11 јуни 2025 (МИА) - Четири здруженија од Куманово ќе спроведат проекти од областите за заштита на животна средина, социјална кохезија и намалување на сиромаштија, туризам и култура и младински иницијативи, информираа денеска надлежните од одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој од општината.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска ги додели сертификатите на претставниците на здруженијата согласно договорите за финансиска поддршка за реализација на локалните проекти. Општина Куманово одвои 900 000 денари за граѓански организации и фондации за реализација на проекти во рамки на стратегиските развојни документи, соодветни на приоритетните области и цели.

Договори со Општината потпишаа Здружението за поттикнување на локален и рурален развој „Ума Сто“ за проектот „Туристичко – гастрономски кластер Ума – Бислим“, „Зелена градба Асоцијација Куманово“ за проектот „Еко – едукативен центар за деца и млади“, Здружението за иновации и млади „ИНО МЛАДИ“ за проектот „Жена Борец – Уметност и едукација за одржлива иднина“, Здружение за стимулација, едукација и рехабилитација „ЧЕКОР ПЛУС 2022“ за проектот „И јас имам право на среќно и безгрижно детство“.

- Очекуваме одлични резултати и опфат на различни категории граѓани. И во самит повик кој беше објавен во март годинава беше наведено дека може да се аплицира само за четирите стратешки области на делување, важни за локалниот економски развој на градот, изјави раководителката на одделението Донка Петровска.

Одобрените проекти се согласно јавниот повик за граѓански организации и фондации од Општина Куманово за 2025 година, како дел од програмата на Сектор за меѓународна соработка и евроинтеграции, стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР. ам/мд/


Фото: Општина Куманово

 

Остани поврзан