Општина Куманово и Здружението на пензионери демантираат дека следува парична помош за пензионери со ниски пензии
- Здружението на пензионери Куманово и одделението за социјална заштита од општина Куманово ја демантираа информацијата дека на пензионери со ниски примања им следува помош во износ од 6.000 де
Куманово, 7 октомври 2022 (МИА) - Здружението на пензионери Куманово и одделението за социјална заштита од општина Куманово ја демантираа информацијата дека на пензионери со ниски примања им следува помош во износ од 6.000 денари, изјавија на денешната прес-конференција надлежните.
Кумановските пензионери секојдневно прашуваат и во Oпштина Куманово и во здружението кои документи се потребни за да им се даде наводна еднократна парична помош која воопшто не е предвидена за оваа категорија граѓани од општинскиот буџет во овој момент.
-Ние забележавме турканици, пензионерите доаѓаат, прашуваат што им е потребно да користат парична помош. Тоа не е вистина. Засега нема најава дека ќе има помош за оваа категорија граѓани. Претпоставувам дека слушнале дека ќе има антикризни мерки или слично како за стопанство, така и за граѓани. Но мора да ги повикам дека во овој момент нема такво нешто, изјави претседателот на здружението на кумановските пензионери, Благе Јакимовски.
Раководителот на одделението за социјална заштита, Александар Крстевски рече дека Куманово одвојува еднократна парична помош, но само за некои состојби пожар, некоја елементарна непогода, но не и за пензионери.
-Еднократна парична помош од буџетот на општината се дава на лица семејства од социјален ризик заради зголемена потреба од подолго лекување, оперативен зафат, поради смрт во семејства од социјален ризик поради долготрајно лекување во државава или странство, лица или семејства на кои им се неопходна помош во износ од 15.000 денари, утврдени врз основа на приложена документација, по извршен увид од комисија, се изглегува на терен, се врши категоризација, по што следува одговор. За пензионерите има мерка за субвенциониран градски превоз за оние со пензија од 13.000 денари, изјави Крстевски.
Претседателот на кумановското здружение на пензионери, Јакимоски кажа дека нивните членови не се задоволни од висината на зголемување на пензиите, бидејќи како што посочи на прес-конференција, ниту со последното зголемување не може да се одговори на сè повисоките цени за храна и основни продукти.
-Нашите членови не се задоволни од последното зголемување на пензиите. За оние со 11 или 12.000 денари зголемувањето е само 800 денари што е недоволно за сегашната инфлаторна, енергетска, економска криза со која генерално се соочуваме. Час поскоро Владата ќе мора да најде начин преку новите антикризни мерки и да им помогне на нашите пензионери, ќе најдат некоја формула да им помогнат на пензионерите со ниски примања, изјави Јакимовски.
Тој потсети дека нивното здружение поделило 800 ваучери со по 1000 денари за пензионерите со ниски примања, посетиле и поделиле помош на пензионерите во поодминати години оние над 95 години кои не можат да се грижат за себе.
На денешната прес-конференција надлежните најавија бесплатен превоз, секој ден за пензионерите со најниски примања. Од 15 октомври, годинава пензионерите со ниски примања можат да го посетата здружението (кај стара црква), да понесат фотокопија од лична карта и последен чек од пензија, ќе им се подготви месечен билет за градски превоз.
Јакимовски се заблагодари на локалната самоуправа, на советот што ја изгласаа одлуката и дозволија пензионерите да не го оптоваруваат скромниот буџет за превоз.
-Имаше во други градови, а сега во овие услови само кумановските пензионери ќе користат бесплатен превоз, изјави Јакимовски. ам/ки/