• петок, 22 ноември 2024

Општина Кратово го одбележа Денот на ослободувањето

Општина Кратово го одбележа Денот на ослободувањето

Крива Паланка, 6 септември 2023( МИА) - Општина Кратово денеска го одбележа Денот на ослободувањето на градот, 6 Септември, со свечена седница на која излагање имаше професор-историчар Александар Ефремовски.

Во своето обраќање по повод празникот на градот и одбележување 79 години од ослободувањето, градоначалникот Тодорче Николовски се обрати и им го честиташе празникот на присутните граѓани, одддавајќи им почит на сите генерации кои посветено работеа со свои идеи, мудрост, талент и градителска моќ во општина Кратово. 

- Седумдесет и девет години гордо ја раскажуваме историјата за Тошо Куковски, Владо Гаџев, Митко Каналиски, Вера Пазаванска, Митко Пенџуклиски, Царка Андреевска, вечна им слава, рече Николовски.

На денешната свечена седница на Советот на Општина Кратово беа врачени и признанија на вработени од ЈОУДГ „Царка Андреевска“, ООУ „Кочо Рацин“ и СОУ „Митко Пенџуклиски“ Кратово и пофалници со вредносни ваучери во износ од 3.000 денари на ученици од основно и средно училиште кои во учебната 2022/2023 година освоиле високи награди на државни натпревари. 

Прославата продолжи со положување цвеќе на спомен-костурницата во градот, каде делегација од општината предводена од градоначалникот, делегација на Општинската организација на Сојузот на борци од Кратово, како и делегации од институции, јавни претпријатија, здруженија на граѓани и политички партии положија цвеќе.

Како што информира службата за комуникација со јавност во Општина Кратово, свеченоста завршила со изложба на фотографии „Свадби“ во Кратово и Кратовско во изложбениот салон на Музеј на град Кратово. ид/цр


Фото: Општина Кратово 

Остани поврзан