• понеделник, 23 декември 2024

Општина Кисела Вода: Јавен повик за времено ангажирање на негуватели во јавните детски градинки и негуватели за стари лица

Општина Кисела Вода: Јавен повик за времено ангажирање на негуватели во јавните детски градинки и негуватели за стари лица

Скопје, 7 јуни 2022 (МИА) - Општина Кисела Вода упатува јавен повик до сите евидентирани невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во проектот „Се грижиме за најмладите и највозрасните”. Истиот е дел од Програмата Општинско - корисна работа, кој се спроведува врз основа на Договорот за соработка со Агенцијата за вработување и Договорот помеѓу Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)  и Општина Кисела Вода.

-Преку него ќе се овозможи времено вработување на петнаесет негуватели во јавните детски градинки и пет негуватели за стари лица. Се работи за ангажман со скратено работно време од девет месеци заради стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на труд. Евидентираните невработени лица кои немаат сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини и компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера согласно услугата која треба да се испорачува, ќе добијат тримесечна задолжителна обука и шестмесечен работен ангажман, информираат од Општина Кисела Вода.

Право на учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ имаат сите невработени лица, при што предност ќе имаат лицата кои за прв пат се јавуваат за учество. За кандидатите кои ќе бидат избрани, се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000 денари бруто износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.

Заинтересираните невработени лица пријавите  за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да ги поднесат во Агенција за вработување - Центар за вработување Скопје, во периодот од 07.06.2022 година до 13.06.2022 година, од 08:00 до 14:00 часот.

Поконкретните услови, права и обврски ќе бидат уредени со склучување на Договор помеѓу Општина Кисела Вода и избраните кандидати.

Детални информации за Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат на општинската веб - страница, како и во Општина Кисела Вода, кај лицето Елизабета Јаневска, Општински координатор за Програмата „Општинско-корисна работа“, Агенција за вработување- Центар за вработување Скопје, кај лицето Гоце Петрушевски и во Центарот за социјална работа Кисела Вода кај лицето Славица Здравковска. сст/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан