Општина Зрновци ја почна постапката за изградба на локален пат од селото Мородвис до месноста Гробишта
- Нов сообраќаен пристап до месноста Гробишта ќе добијат жителите на селото Мородвис, за што Локалната самоуправа на Зрновци ја почна постапката за изградба на локалниот патен правец.
Кочани, 20 ноември 2024 (МИА) – Нов сообраќаен пристап до месноста Гробишта ќе добијат жителите на селото Мородвис, за што Локалната самоуправа на Зрновци ја почна постапката за изградба на локалниот патен правец.
За реализација на градежните работи обезбедени се 2,8 милиони денари од буџетот на Министерството за транспорт, во рамки на Одлуката за користење средства како капитални дотации до единиците за локална самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на транспортот во 2024 година.
-Со поддршка од Советот на Општината, во септември аплициравме со овој проект и беше прифатен од ресорното министерство. Веќе е објавен јавен повик за избор на изведувач на градежните работи кој ќе има обврска да пробие и асфалтира патен правец во должина од 300 метри и ширина од три метри. Исто така, треба да се изгради и паркинг простор со површина од 500 квадратни метри, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Пријавувањето на заинтересираните оператори е до 4 декември, а по изборот на најповолната понуда и потпишувањето на договорот со изведувачот, изградбата на локалниот патен правец треба да се реализира во период од пет месеци. та/мд/
фото: МИА