Општина Делчево: Рок до 15 септември за приклучоци пред асфалтирање на улиците
- Општина Делчево ги известува сопствениците на објекти и градежни парцели во повеќе делови од градот и околните населби, дека најдоцна до 15 септември, годинава, треба да ги обезбедат потребните приклучоци за водовод, фекална и атмосферска канализација, како и други инфраструктурни инсталации.
Делчево, 13 август 2025 (МИА) - Општина Делчево ги известува сопствениците на објекти и градежни парцели во повеќе делови од градот и околните населби, дека најдоцна до 15 септември, годинава, треба да ги обезбедат потребните приклучоци за водовод, фекална и атмосферска канализација, како и други инфраструктурни инсталации.
Ова се однесува на населбите Спортско-рекреативен центар (СРЦ), Басарица, Пролет, централно градско подрачје и улиците „Видое Смилевски Бато“, „Кочо Рацин“, „Солунска“, „Благој Стојменов“, „Генерал Темпо“, дел од „Орце Николов“ во локалитетот Шумски расадник, крак од улицата „Плачковица“ и една улица во село Звегор.
Според Општината, на овие локации е планирано да се вршат градежни работи за поставување на водоводна инсталација, фекална и атмосферска канализација, како и изградба или реконструкција на улиците. Средствата за реализација се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, како и од Проектот за подобрување на локалните патишта за делот од улицата „Орце Николов“ во Шумски расадник.
Општината предупредува дека по завршувањето и асфалтирањето на улиците, за време на гарантниот период нема да биде дозволено прекопување и поставување на инсталации.
- По истекот на гаранцијата, приклучоците ќе се вршат согласно Програмата за уредување на градежно земјиште, со плаќање соодветен надоместок од страна на сопственикот или корисникот на парцелата. Трошоците за враќање на прекопот во првобитна состојба, како и евентуалната изградба на потпорни ѕидови или пристап до дворните места, ќе бидат на товар на сопствениците, соопштија од Општина Делчево.
За технички податоци и услови за обезбедување на приклучоците, граѓаните треба да се обратат до надлежните оператори: ЈКП „Брегалница“ - Делчево, ЕВН КЕЦ Делчево, „Македонски телеком“ - Скопје, кабелска телевизија „Пирамида“ - Делчево и други.
Општината потсетува дека изведувањето на недозволени дејствија во трупот на пат или улица е казниво согласно Законот за јавни патишта. вс/бд/
Фото: Општина Делчево