• сабота, 21 декември 2024

Општина Битола ќе спроведе екогенералка за почист град

Општина Битола ќе спроведе екогенералка за почист град
Битола, 5 мај 2022 (МИА) - Општина Битола во соработка со јавните претпријатија „Комуналец“, „Водовод“ и „Нискоградба“, приватни фирми, како и шест основни и две средни училишта, утре и в сабота ќе вршат чистење на повеќе локации во градот. Од Општина Битола информираат дека дводневната екогенералка се организира за поубава и почиста Битола, а за секои 10 килограми собран отпад ќе се засадува по едно дрво. - Акцијата почнува утре во 10 часот со чистење отпад на депонија кај улица „Кочо Рацин“, а ќе се чисти и во основните и средните училишта кои покажаа интерес за вклучување во акцијата. Во сабота ќе се расчистува и собира отпад на повеќе пунктови, односно во Нова Битола во близина на детскиот парк кај училиштето „Св.Климент Охридски“, потоа на улицата „Едвард Кардељ“, Лавчанска населба, Јени Маале, населба Стрелиште, а ќе се чистат депониите и во населбата кај поранешната Касарна, посочуваат од тамошната локална самоуправа. Пријавување на здруженија на граѓани, организирани групи, урбани и месни заедници за учество во акцијата ќе се врши и во текот на денешниот ден. мт/ар/

Остани поврзан