ОН: По 10 години преговори, постигнат историски договор за заштита на океаните
- По 10 години преговори, по 38 часовна расправа во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, беше постигнат историски договор за заштита на светските океани.
Њујорк, 5 март 2023 (МИА) - По 10 години преговори, по 38 часовна расправа во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, беше постигнат историски договор за заштита на светските океани.
Во извештајот на Би-Би-Си се потсетува дека преговорите во ОН траеле толку долго поради несогласувањата околу финансирањето на овој проект, но и поради несогласувањата околу прашањето за правата на риболовот.
Новиот договор предвидува до 2030 година 30 отсто од морските пространства да бидат заштитени подрачја со цел да се обнови живиот свет во светските мориња и океани.
Во новозаштитените морски подрачја, кои се прецизирани во договорот, ќе се регулира како може да се врши риболов, каде ќе минуваат бродските патишта и како може да се вршат истражувачки активности, како што е длабоко ископување минерали од морското дно на длабочините на 200 метри и повеќе.
Еколошките групи се загрижени дека рударството може да го наруши целиот жив свет во морињата и да создаде загадување со бучавата и супстанците токсични за морскиот свет. рп/