• петок, 22 ноември 2024

ОИ 2024: Водите на Сена се во алармантна состојба, предупредува НВО

ОИ 2024: Водите на Сена се во алармантна состојба, предупредува НВО

Париз, 8 април 2024 (МИА) - На речиси 100 дена пред почетокот на Олимписките игри во Париз, невладината организација за заштита на водите Сурфрајдер фондацијата денеска предупреди за „алармантна“ состојба на водите на Сена, каде што ќе се одржат неколку олимписки натпревари.

Од 14 мерења направени од ова здружение од крајот на септември 2023 година до крајот на март 2024 година, на местата каде што ќе се одржуваат натпреварите во триатлон и пливање на отворени води, за 13 е утврдено дека се „над или многу над праговите препорачани за пливање“.

Според Европската директива за пливање од 2006 година и скалата на федерациите за пливање и триатлон, концентрациите на двете бактерии кои укажуваат на фекална контаминација, ешерихија коли  и ентерокока, не смеат да надминат 1.000 единици кои формираат колонии во 100 милилитри за ешерихија  и 400 за ентерокока. Над тоа водата се смета за несоодветна за капење.

Анализите, во партнерство со лабораторија со која соработува градската управа на Париз, извршени по случаен избор и според однапред дефиниран распоред со цел да се надминат временските услови, покажуваат концентрации на ешерихија коли редовно повисоки од 2.000 (максимумот беше 7.250) и 500 за ентерококи.

Анализираниот период не е дел од предвидениот за капење во Сена, кој ќе биде резервиран за летните месеци.

Меѓутоа, анализите покажаа дека во периодот од јуни до септември 2023 година, ниту една од 14-те париски точки за земање примероци на вода не достигнала доволно ниво на квалитет во однос на европските директиви.

Соочени со овие алармантни резултати, Сурфрајдер изразува загриженост за квалитетот на водата на Сена и укажува на ризиците за спортистите, но и за населението.

Натпреварите во триатлон ќе се одржат на 30. и 31 јули и 5 август, а пливање на отворени води на 8. и 9 август.

На почетокот на август 2023 година, генералната проба за пливање на отворени води мораше да биде откажана поради очигледното надминување на праговите за квалитет на водата. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан