• сабота, 23 ноември 2024

Од 12 септември отворен е повикот за аплицирање за Чивнинг стипендиите на Владата на Обединетото Кралство

Од 12 септември отворен е повикот за аплицирање за Чивнинг стипендиите на Владата на Обединетото Кралство

Скопје, 13 септември 2023 (МИА) - Од 12 септември до 7 ноември 2023 година отворена е можноста за аплицирање за Чивнинг стипендии за студирање во Обединетото Кралство. Апликациите треба да се поднесат преку онлајн формуларот за аплицирање на chevening.org/apply. Чивнинг стипендиите се доделуваат на лица од секаков профил, кои можат да покажат дека ја имаат посветеноста и вештините кои се потребни за да станат идни лидери, а кои при тоа можат и да покажат како магистерската диплома во Обединетото Кралство ќе им помогне да создадат позитивни промени во нивната земја.

- Стипендијата нуди целосна финансиска поддршка за стипендистите да се посветат на академски студии за стекнување на магистерска диплома на над 150 универзитети во Обединетото Кралство, при што истовремено ќе им се овозможи пристап до широк спектар на ексклузивни академски, професионални и културни искуства, се наведува во денешното соопштение од Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје.

Од формирањето на програмата во 1983 година, преку 55.000 професионалци имале можност да ја унапредат својата кариера преку Чивнинг. На глобално ниво се нудат приближно 1.500 стипендии за академската 2024/2025 година, што ја покажува постојаната посветеност на Обединетото Кралство за развој на лидерите на утрешницата во пресрет на прославата на 40. годишнината на Чивнинг стипендиите.

Раководителот за стипендии во Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство (ФЦДО), Ема Хенеси, посочува дека Чивнинг стипендистите, соработниците и дипломците ги користат вештините и знаењата што ги стекнуваат додека студираат во Обединетото Кралство за да поттикнат промени, преку застапување за подобар живот и побезбедни места за живот, работа и напредување за луѓето ширум светот.

- Чивнинг го претставува најдоброто од Обединетото Кралство и светот, а нашите научници стануваат дел од глобалната Чивнинг мрежа од над 55.000 дипломци. Секогаш сум инспириран од страста и посветеноста на оние кои се дел од Чивенин заедницата и со нетрпение очекувам да ги добијам апликациите од следната генерација, стои во соопштението.

Метју Лосон, британскиот амбасадор во Северна Македонија упати порака дека ако сте мотивирани за поттикнување на промени, без разлика дали на локално или глобално ниво, ако сакате да бидете најдобри во она што го работите и ако имате имагинација да ги инспирирате другите, тогаш Чивнинг стипендијата би можела да биде совршена можност за вас.

- Не постои такво нешто како „типичен“ академски граѓанин. Вашата возраст, раса, пол, религија и културолошко потекло не ни се важни. Нам ни е потребно да видиме дека поседувате енергија, љубопитност, сочувство, јасна визија за вашата иднина и способност да ги постигнете своите цели. Ако ова звучи како вас, тогаш голема е веројатноста дека ќе се вклопите во нашата заедница од над 55.000 дипломци ширум светот. Нашата мрежа на дипломирани студенти е полна со динамични инфлуенсери кои го споделија истото искуство кое и вие ќе го споделувате. Тие можат да понудат охрабрување, менторство, совети и контакти. Кога ќе се вратите дома по студиите, треба да се чувствувате подготвени да започнете да правите вистински промени во Северна Македонија, вели амбасадорот Лосон.

Повикот за нови апликанти следи по изборот на шест стипендисти од Северна Македонија кои освоија награда за студирање на универзитет во Обединетото Кралство оваа година. Успешните апликанти ги споделуваат своите приказни преку хаштагот #ChosenForChevening на Facebook и Twitter. цр/са/

Фото: Британска амбасада

Остани поврзан