• недела, 22 декември 2024

Од 1 јануари поедноставување на вработувањата во јавниот сектор

Од 1 јануари поедноставување на вработувањата во јавниот сектор

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) – Од 1 јануари, Министерството за финансии повеќе нема да дава согласност за вработување, туку раководителите на државните буџетски институции сами ќе одлучуваат за новите вработувања во согласност со годишниот финансиски план и прегледот за вработувања, информира ресорниот министер Фатмир Бесими.

За ова да стапи на сила, како што кажа на денешната средба со новинарите, прво ќе треба да бидат донесени Законот за буџет и Законот за извршување на буџетот.

За да оствари ново вработување, раководителот на институцијата ќе треба да достави изјава до Агенцијата за вработување или до Агенцијата за државни службеници во која под полна материјална и кривична одговорност ќе потврди дека во буџетот на институцијата се обезбедени средства за новото вработување.

Со ова, според министерот за финансии, се поедноставува постапката за процесот на вработување во јавниот сектор, а контрола на процесот на вработувањето ќе бидат финансискиот план и прегледот за вработувања кои претходно секоја година ќе ги одобрува Владата. Евентуалните злоупотреби ќе можат да ги пријават и самите вработени, а за погрешна изјава раководителот ќе биде гонет од јавното обвинителство и судовите. вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан