• вторник, 17 декември 2024

Од понеделник онлајн настава за средношколците од штипското медицинско училиште

Од понеделник онлајн настава за средношколците од штипското медицинско училиште
Штип, 10 септември 2022 (МИА) - Од понеделник, најмалку две недели, учениците од регионалното медицинско училиште СОУ „Јане Сандански“ во Штип ќе следат онлајн настава. Причината за ова е санација на  системот за парно греење, а за тоа согласност е побарано и од Општината и од Министерството за образование и наука, вели директорката на училиштето Марија Николиќ. Наставата ќе следи преку платформата „Мајкрософт тимс“, а освен теоретската со физичко присуство, средношколците ќе ја загубат и практичната настава. -Од понеделник СОУ „Јане Сандански“ – Штип поради санација на системот за парно греење ќе премине на онлајн настава преку платформата „Мајкрософт тимс“ со цел заштита на учениците и на наставниците поради емисија на штетни материи и градежни работи во училиштето. Секако, ова е со добиена согласност од градоначалникот на Општина Штип и Министерството за образование и наука. Би сакала да се заблагодарам на учениците, родителите и наставниците за укажаната поддршка, сѐ со цел навремена санација на системот и навремено отпочнување на новата грејна сезона. Во овој период и практичната настава ќе се изведува онлајн, вели  Николиќ. Минатата година средношколците од штипското медицинско училиште го завршија првото полугодие со онлајн настава, бидејќи во декември откажа главната артерија за парно затоплувањето. Стануваше збор за поголем зафат, за којшто беа потребни и многу финансиски средства. Системот за парно греење во ова училиште е со дотраена инсталација којашто не е обновена 36 години, колку што и постои училиштето. Наставата во медицинското училиште ја следат повеќе од 700 ученици од регионов. вдј/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан