• недела, 22 декември 2024

Од верските календари

Од верските календари
3 февруари 2020 (МИА) ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 21 јануари. Денеска е Преподобен Максим Исповедник. Преподобен Максим се роди околу 580 година во Цариград. Имаше високо потекло. Во младоста се здоби со врвно образование, беше најголемиот философски ум на своето време. Едно време служеше како императорски секретар, а потоа ја напушти службата и се повлече во Хризополскиот манастир до Халкидон. Наскоро, неговото име неоделиво ќе се врзе за православната борба против монотелитската ерес. Заради своето тврдо исповедништво ќе биде осакатен и ќе умре в затвор, во 662 година. Неговото дело правилно го оцени шестиот вселенски собор, одржан во 680 година. Од него ни останаа многу значајни дела. ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР Денеска е Св. Блаж. На денешен ден секоја година во сите цркви се дели благослов на грлото по заговор на свети Блаж, бискуп и маченик. Свештеникот со две свеќи му пристапува на верникот и се моли: „Според заговорот на свети Блаж, Господ да те ослободи од болести на грлото и од секое друго зло!" Овој благослов се темели на старото предание според кое свети Блаж со својот благослов ги спасил децата на кои во грлото им застанала коска од риба. Свети Блаж бил еден од оние јунаци кои за својата вера, го давале животот. За време на владеењето на царот Луциниј, тој бил измачуван и му била отсечена главата во 317 година. ###

Остани поврзан