• петок, 22 ноември 2024

Одржан состанок за иницијативата за прогласување на заштитено подрачје „Малешево”

Одржан состанок за иницијативата за прогласување на заштитено подрачје „Малешево”
Делчево, 18 февруари 2021 (МИА) - Иницијативата за прогласување на заштитено подрачје „Малешево” на пределот на Малешевски планини и Влаина ги седна на заедничка маса претставниците на општините Берово и Пехчево. Во присуство на државниот секретар во Министерство за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, како што информираа од Општина Берово, заеднички се разговараше за условите под кои овој предел може да се прогласи за заштитено подрачје. На состанокот присуствуваа и претставници од Фармахем и Македонското еколошко друштво. - Од состанокот произлезе продуктивна дискусија од која произлезе согласност за продолжување со динамиката и активностите за реализација на оваа иницијатива. Во наредниот период предвидено е одржување на нов технички состанок за усогласување и дефинирање на сите недефинирани состојби, од кој очекуваме заедничко прифатливо решение за двете страни и заземање на дефинитивен став за продолжување на постапката, истакнаа од Општина Берово. На состанокот, како што додадоа, е заземен став за изнаоѓање најприфатливо решение, кое нема да предизвика незадоволство кај локалното население, а од друга страна ќе биде од големо значење за општините Берово и Пехчево, со цел зачувување и успешен менаџмент на природните богатства од регионот. Претходно, како дел од оваа иницијатива на седница на советите на двете општини беше презентиран предлог за заштитеното подрачје кој го опфаќа просторот на Малешевските планини вклучувајки го просторот на Заменица, Заменичка Река кон Ченгино Кале и дел од Кадиица и Буковик во Општина Пехчево. Иницијативата за прогласување на заштитено подрачје „Малешево” на пределот на Малешевски планини и Влаина е  дел од Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија која се спроведува од Фармахем, со поддршка на Швајцарска агенција за подршка и развој.вс/бт/

Остани поврзан