• недела, 22 декември 2024

Одржано редовно годишно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора: Постои голем интерес кај компаниите за инвестирање

Одржано редовно годишно собрание на Македонско-бугарската стопанска комора: Постои голем интерес кај компаниите за инвестирање

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Бизнис без граници побараа членките на Македонско-бугарската стопанска комора на своето редовно годишно Собрание одржано во Скопје.

-Постои голем интерес кај компаниите од двете земји за инвестирање, имаме постојан, значителен раст на трговската размена меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. Со подобрување на условите кои треба да ги обезбедат нашите држави има простор за уште поголем раст на инвестициите од компаниите членки на нашата комора и тоа треба да го ставиме во функција на развој на правните субјекти од двете држави, смета претседателката на Македонско-бугарската стопанска комора, Биљана Митева.

Како што се наведува во соопштението од Македонско-бугарската стопанска комора, компаниите членки на комората даваат свој придонес за подобрување на бизнис климата и отстранување на политичките бариери меѓу двете држави, за уште поуспешно деловно поврзување на бизнис секторот.

На Собранието се обратил и амбасадорот на Република Бугарија Жељаско Радуков, кој изразил недвосмислена поддршка за подобрувањето на економската размена меѓу двете држави и укажа на важноста на поврзувањето на луѓето и бизнисите од двете земји.

Собранието на Македонско-бугарската стопанска комора ја одобрила програмата за работа за 
периодот 2024/2025, биле усвоени извештаите за 2023/2024, а биле избрани и нови членови на 
Управниот и Надзорниот одбор на МБСК.

На редовното годишно Собрание на Македонско-бугарската стопанска комора присуствуваа и 
претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија. ев/цр

ФОТО: Македонско-бугарска стопанска комора 

Остани поврзан