• вторник, 24 февруари 2026

Одобрени дополнителни средства за финализирање на проекотот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“

Одобрени дополнителни средства за финализирање на проекотот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“

Делчево, 26 април 2023 (МИА) - Одобрени се нови 1,5 милиони швајцарски франци за финализирање на проекотот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“. Одлуката за проширување на буџетот на проектот ја донесе СЕКО-Берн Швајцарија, со што комплетно ќе се финализира проектот и ќе се изградат планираните инфраструктурни проекти. 

Оваа информација, како што велат од Општината, денеска лично на градоначалникот Горан Трајковски му ја соопштија високи претставници од СЕКО-Берн за време на работната средба која се одржа во Делчево.  
 
-Одобрувањето на средствата беше на барање на Управниот одбор на Проектот со цел изградба на нов резервоар на месноста Чука во Делчево, изградба на други објекти и корпоративен развој на ЈКП „Брегалница“ и по потврденото партиципативно учество и на Министерството за животна средина и просторно планирање за изградба на нов водоснабдителен систем во село Вирче, информираа од Општината .
 
Градоначалникот Трајковски упатувајки благодарност за поддршката на Швајцарската Влада и на СЕКО посочи дека со реализацијата на овој проект Делчево добива современ водоснабдителен систем и се решава основниот проблем за граѓаните-пристап до чиста вода за пиење за Делчево и три населени места, Ѕвегор, Габрово и Вирче.  
 
Со дополнителните средства од 1, 5 милиони швајцарски франци, освен другите планирани инфраструктурни проекти со кои се заокружува процесот и се овозможува чиста вода за пиење, конечно како што подвлече Трајковски градот Делчево ќе добие и нов резервоар за вода на месноста Чука. 
 
-Стариот резервоар е изграден пред повеќе од 60 години во период, кога се градел тогаш водоводниот систем во Делчево. Новиот резервоар за вода ќе се гради со нови материјали и технологии со што ќе се влијае на квалитетот и ќе се минимизираат загубите на вода, а конктолата на целата мрежа ќе биде електронска. Воедно, со средствата од Министерството за животна средина и просторно планирање се решава и проблемот со водоснабдувањето и на село Вирче и негово приклучување на градскиот сиситем, потенцираше Трајковски.     
 
Даниел Брудер, заменик-раководител на СЕКО на денешната средба посочи дека е задоволен од текот на реализацијата на проектот, од ангажманот на Локалната самоуправа и дополни дека целта на проектот не е само да се изгради инфраструктура туку и да се овозможи негово одржливо користење.   
 
Претставниците на СЕКО воедно извршија и увид во текот на работите за изградба на пречистителната станица за вода во село Тработивиште и изградбата на фотоволтаичната централа за потребите на станицата.   Со новото проширување на буџетот, Проектот „Подобрување на водоснабдувањето на Делчево“ носи инвестиција од над 9 милиони швајцарски франци и е најголема инвестиција во историјата на Делчево. вс/дма/Фото: МИА

Остани поврзан