• недела, 22 декември 2024

Одобрена обуката на кандидатите за контролори на летање, Синдикатот ќе бара одговорност од менаџментот на М-НАВ

Одобрена обуката на кандидатите за контролори на летање, Синдикатот ќе бара одговорност од менаџментот на М-НАВ
Скопје, 12 ноември 2022 (МИА) - Раководството на М-НАВ АД Скопје го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) кој изрази сомнеж дека има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери, најави дека ќе бара одговорност за случувања со кои сметаат дека се нарушил кредибилитетот на нивната професија. УО на М-НАВ вчера соопшти дека донел одлука да ги упати на обука кандидатите и да го задолжи претседателот на Комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.  Истакнаа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“. -Ве известуваме дека согласно доставената дополнителна документација на ден 10.11.2022 година, – Извештај со резултати од тестирањата со FEAST тестот во печатена форма од 13 кандидати кои успешно ги положија сите тестови спроведени од страна на GATE Aviation Training ApS, Данска и во соработка со комисијата на М-НАВ АД Скопје, а во врска со Огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање и вработување на определено време, објавен на 28.07.2022 година , Управниот Одбор на М-НАВ АД Скопје во текот на денешниот ден ја разгледа целокупната документација и донесе Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување.Едновремено го задолжи претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката, информираа од М-НАВ. Според М-НАВ, поради неточни и непроверени информации кои се пласирале во јавноста, се создаде погрешна слика за процесот околу огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање. -Потенцираме дека во ниеден момент немаше ниту размислување, а уште помалку преземање на дејствија за прекинување на или поништување на постапката односно Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи. Единствено точно е дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти, како тие законски но и внатрешни на самата институција, со едниствена цел, избор на најквалитетните кандидати за нови кадри во М-НАВ АД Скопје. Сето ова беше во рамки на строгите меѓународни и национални норми и временските рокови согласно акционен план на М-НАВ АД Скопје, посочија од М-НАВ. Порачаа дека  ќе продолжат со професионално вршење на својата дејност. -  Никогаш не би дозволиле да се загрози безбедноста на воздушниот сообраќај над нашето небо при што критериумите за обезбедување на потребното ниво на безбедност и ефикасност при давање на услугите за воздухопловна навигација континуирано се и ќе се одржуваат на највисоко ниво, потенцираа од М-НАВ. Од Струковиот синдикат на контролори на летање, пак, изјавија дека со одлуката што ја донесе М-НАВ за упатување на обука на кандидатите за контролори на летање се затворил проблем за, како што велат, нешто што требаше да се реализира уште пред 15 дена без да се создаваат нервози и да се изнесуваат состојбите во јавноста. Претседателот на ССКЛ Александар Тасевски во изјава за МИА најави дека ќе бараат одговорност од менаџментот за случувањата околу Огласот за изборот на кандидати за обука за контролори на летање. -Сега се прават некакви интервјуа со кандидатите како аргумент за текот што го зеде целата ситуација по реакциите, што е неиздржано затоа што селектираните кандидати веќе ги поминаа сите фази. Нема да отстапиме и ќе бараме одговорност од раководството за целата ситуација и непотребните нервози со што се наруши кредибилитетот на нашата професија, изјави Тасевски. ССКЛ претходно преку медиумите реагираше на одвивањето на постапката околу огласот за избор на кандидати за обука на контролори на летање и побара да стартува обуката на селектираните кандидати, а од иста причина условени оставки доставија раководни лица од пониско ниво  во М-НАВ- помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти,… Тасевски  завчера во изјава појасни дека во целиот избор се вклучиле како набљудувачи за да бидат избрани квалитетни кандидати, како што биле од претходната класа, а изборот се одвиваше со примена на алатка (FEAST), со која се прави правилна селекција. - Но, се сомневаме дека не се избрани кандидати блиски на менаџментот и на високи политички функционери и сега компанијата се обидува да го поништи целиот процес, да постави нови критериуми за избор за тие да влезат. Со тоа ќе пропаднат парите дадени за целиот процес, кој се одвиваше во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), а  можно е да треба да плаќаме пенали, рече Тасевски. По реакциите на синдикатите завчера случувањата во М-НАВ ги коментираа и од Владата, од каде порачаа дека М-НАВ е институција со сопствени тела за менаџирање, програма за работа, начин на одлучување и буџет, но дека согласно со меѓународните стандарди е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Евроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на којшто е членка. лв/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан