• петок, 05 декември 2025

Одбојкарите на УГД Штип пред европското деби: Оптимисти сме

Одбојкарите на УГД Штип пред европското деби: Оптимисти сме


Штип, 11 ноември 2025 (МИА) – Освојувачот на македонскиот одбојкарски Куп во машка конкуренција, УГД Штип, отпатува денеска за Осло каде утре во првото коло од ЦЕВ Челинџ купот ќе му гостува на норвешкиот претставник Кол Ил во својот дебитантски настап на европската сцена.
„Нетрпеливи сме во пресрет на нашиот прв европски настап. Радува фактот дека немаме никакви здравствени проблеми и комплетни патуваме на првиот натпревар. Оптимисти сме во двомечот со Кол Ил, од причина што и за двете екипи ова е премиерно учество во европските клупски купови. Противникот има искусна екипа и се базира на квалитетни норвешки играчи кои играат дисциплинирана ’скандинавска‘ одбојка. Мојот состав е многу помлад и основата се македонски репрезентативци и две странски засилувања, но сите се со меѓународно искуство. Подготвени сме, мотивирани и расположени за докажување“, изјави тренерот на УГД Штип, Кристијан Ристески, за официјалниот сајт на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
Според Ристески шансите за пласман во следното коло се рамноправни, а потенцира дека многу работи ќе зависат и од приемот и од сервисот со кој ќе нападне неговата екипа.
„Според она што го имаме како информација за противникот и од анализите сметам дека шансите се 50-50. Фокусот е секако на нашата игра, односно она што го прикажуваме досега и во подготвителниот период и во домашното првенство – сплотеност и доброто функционирање на теренот, верувам дека ќе го презентираме и во овој двомеч. Сметам дека приемот на сервис може да биде клучен елемент. Доколку тоа се одработи добро, нема да имаме потешкотии со оглед на тоа дека сме доста напаѓачка екипа. Истовремено мора да нападнеме и со силен сервис, со цел да се неутрализира нападот на противникот. Доколку тоа го одработиме како што сакаме и замислуваме може да се надеваме на позитивен резултат“, посочи Ристески.
Утрешниот натпревар е закажан со почеток во 19 часот во саката „Крингсјахален“, а реваншот е на 19 ноември во салата „25 Мај“ во Радовиш. ег
ФОТО: ОФМ

Остани поврзан