• понеделник, 23 декември 2024

Одбор за акредитација: Факултетот за здравствени науки во Струга нема да почне со работа сè додека не се исполнат законските услови

Одбор за акредитација: Факултетот за здравствени науки во Струга нема да почне со работа сè додека не се исполнат законските услови

14 јуни 2024 

Одбор за акредитација на високото образование: На Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга нема да се запише ниту еден студент, нема да се студира и нема да започне со работа се додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и студии за здравствена нега

Одборот за акредитација на високото образование ја известува јавноста за следното:

1. Одлуката за давање одобрение за основање на Факултет за здравствени науки при Меѓународен Универзитет во Струга e донесена од Владата на РСМ на седницата одржана на 9 Април 2024 година, објавена во Службен весник број 86 од 15.04.2024 година.

2. На Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга нема да се запише ниту еден студент и нема да се студира се додека не се исполнат законските услови за акредитација на студиските програми кои согласно Законот за високо образование се суштински дел за една високо образовна институција да започне со работа.

3. Првата поднесена студиска програма за здравствена нега (медицинска сестра/медицински техничар) од Факултетот за здравствена нега на Меѓународниот Универзитет во Струга, на седницата на Одборот за акредитација на високото образование на 06.06.2024 година е ОДБИЕНА, односно е донесена Одлука со која не се акредитира студиската програма за медицинска сестра/медицински техничар од Факултетот за здравствена нега на Меѓународниот Универзитет во Струга, бидејќи не ги исполнува законските услови.

4. Според Законот за високо образование и подзаконските акти на Националниот Совет за високо образование по Одлуката на Владата на РСМ за давање одобрение за основање на Факултет за здравствени науки при Меѓународен Универзитет во Струга и поднесениот Проект за основање на Факултет за здравствени науки, Одборот за акредитација на високото образование беше обврзан да формира стручна експертска комисија за медицински науки (комисија од тројца универзитетски професори од кои двајца редовни професори на Медицинскиот факултет- Скопје на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј„- Скопје и еден редовен професор од Медицинскиот факултет на Државниот Универзитет во Тетово) за оценка на писмениот Проект, за што поднесе два Извештаи според кои се спроведе постапката на Одборот.

5. Условите за почеток со работа на Факултет за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга согласно Законот за високо образование ги цени исклучиво Министерството за образование и наука и формираната Комисија од страна на Министерот за образование и наука.

6. Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга нема да запишува студенти, зошто Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга за да почне со работа, потребно е да ги акредитира поединечно студиските програми за прв циклус на стручни студии за општа медицинска сестра и Студии за здравствена нега согласно Законот за високо образование.

7. Одборот за акредитација на високото образование не ги акредитираше и сите останати Елаборати за студиските програми од други области на факултетите на Меѓународниот Универзитет во Струга поднесени во 2024 година, односно беа одбиени од Одборот за акредитација на високото образование.

Одбор за акредитација на високото образование

Фото: МИА архива

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан