• вторник, 17 декември 2024

Одбележан денот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“

Одбележан денот на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“

Скопје, 13 март 2023 (МИА) - Со положување на цвеќе на спомен плочата на загинатите припадници на „САЕ- Тигар“, денеска во касарната „Илинден“ беше одбележан Денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица и 42 години од нејзиното постоење.

Пред спомен плочата на загинатите припадници на САЕ „Тигар“  беше положено цвеќе од страна на официјалните делегации од Влада, МВР и семејствата на загинатите припадници на Единицата, како и од делегацијата на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина предводена од министер за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ.

Премиерот Димитар Ковачевски, на настанот истакна дека безбедноста на граѓаните е најважна, но, како што рече, подеднакво е важна и безбедноста на припадниците на „Тигар“.

- Затоа, кога станува збор за вашата заштита и безбедност, не штедиме, вам не треба ништо да ви недостига. Сѐ што придонесува за вашата побрза и поефикасна работа, како и досега ќе се обезбедува, рече премиерот.

Тој истакна дека претставува гордост тоа што САЕ „Тигар“ не се разликува од европските полиции.

- Тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано. За вас не постои горна граница на постигнувања бидејќи секогаш се стремите да бидете подобри и јас ви честитам за тоа, рече премиерот Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кажа дека само во изминатата 2022 година, припадниците на Тигрите ги покажале своите врвни перформанси низ 1 800 најразлични активности.

 - Сѐ уште се свежи сеќавањата за нивното активно учество во гаснењето на пожарите, за  спасувачките операции за извлекување на лица од завеаните и тешко пристапни терени во Галичник и Гостиварско, извлекување на лица и возила зафатени од невремето во Скопје, водите на Калиманци, Беровско, Вардар и Лепенец, рече тој.

Според министерот, досегашните резултати се уште еден показател дека „Тигар“ како единица е позиционирана рамо до рамо со истородните формации од Европа и светот.

Подобрување на условите за работа и престој во единицата преку санација и реновирање на нејзини делови, нови специјализирани возила, доопремување на полигоните за обука преку набавка и монтирање на вагони, набавена голема количина на муниција и спроведување на селективен курс за избор на нови припадници се само дел од активностите спроведени во изминатата година, кои ги посочи командантот на тигрите,  Драган Прокоповски.

Тој потсети на седумте припадници на Единица, кои вршејќи ја својата должност, штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста, ги загубија своите животи и информираше за неколку обуки во и надвор од државава на која учествувале единиците, а на кои, како што рече, се покажало дека „Тигар“ е компатибилна со сродните антитерористички единици од другите држави.

Од страна на припадниците на Единицата беше реализирана и видео презентација на нејзините активности за 2022 година, а во знак на одбележување на 42 години од формирањето беа доделени и плакети, благодарници и награда за најдобриот припадник на тигрите за 2022 година.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски додели плакета на Килијан Вал, шеф на мисијата на  ОБСЕ во Скопје. Воедно, беа доделени плакети на припадниците за 5, 15, 20 и 25 години служба во Единицата, а од страна на Македонскиот полициски синдикат беа доделени пригодини подароци и плакети на двајца припадници на САЕ „Тигар“, кои годинава заминуваат во пензија. ар/ац/

Остани поврзан