• вторник, 12 ноември 2024

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Објавен Јавниот повик за признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Скопје, 21 август 2023 (МИА) - Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија продолжува со имплементација на проектот „Успешни млади“, признание што се доделува во насока на вреднување на трудот и знаењето на младите, како една од политиките за намалување на одливот на млади луѓе од нашата земја, како и за создавање перспективи за младите и успешни кадри.

Како што соопштија од Кабинетот на Претседателот на државата, Јавниот повик за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2022 година е отворен од денеска и ќе трае до 01 октомври 2023 година.

- Признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на 2022 година, во следните осум категории: најдобар/а  млад/а научник/чка во општествените науки, во хуманистичките науки, во природно-математичките и техничките науки, во медицинските науки, најдобар/а млад/а иноватор/ка, млад талент (за ученици и ученички од средните училишта), признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост) и најдобар/а млад/а уметник/чка, се појаснува во соопштението.

Јавниот повик ги опфаќа сите лица што заклучно со 2022 година навршуваат 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен за шестата категорија (млад талент) за која можат да се пријават само ученици и ученички од средните училишта.

Јавниот повик во којшто детално се наведени условите и начинот за доставување на пријавите е достапен на веб-страницата на Претседателот на Република Северна Македонија. 

- Препознавајќи ги социо-економските предуслови на поединците како значаен фактор во пристапот и можностите за образование и професионален напредок, со овој повик особено ги охрабруваме сите млади кои припаѓаат на ранливи категории да поднесат апликации за признанието „Успешни млади”, се наведува во соопштението од Кабинетот на Претседателот на државата. цр/са/

Фото:МИА

 

Остани поврзан