• петок, 22 ноември 2024

Објавен зборникот „Навраќање кон Конески“

Објавен зборникот „Навраќање кон Конески“
Скопје, 17 мај 2021 (МИА) - Во издание на Општина Куманово од печат излезе зборникот „Навраќање кон Конески“, што го приредија Свето Стаменов, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист и проф. д-р Вера Стојчевска - Антиќ, универзитетски професор и истакнат македонски историчар на книжевност, книжевен теоретичар и славист. Со овој зборник Општина Куманово се приклучува кон сеопштото одбележување на стогодишнината од раѓањето на великанот на современата македонска култура Блаже Конески. Зборникот содржи избрани трудови на 29 врвни познавачи на животот и делото на великанот Блаже Конески, кои во целина ќе предизвикаат нови проширени сфаќања и оценки за неговото грандиозно дело. Како што соопштија приредувачите, „Навраќање кон Конески“ содржи трудови, хронолошки претставени според времето на нивното објавување, на: проф. д-р Трајко Стаматоски, проф. д-р Виктор Фридман, Цане Андреевски, проф. д-р Вера Стојчевска - Антиќ, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Маја Јакимовска - Тошиќ, проф. д-р Кристина Крамер, проф. д-р Марија Коробар - Белчева. Има трудови од академик проф. д-р Влада Урошевиќ, проф. д-р Васил Тоциновски, академик проф. д-р Луан Старова, академик проф. д-р Златко Крамариќ, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Георги Сталев, проф. д-р Максим Каранфиловски, проф. д-р Лидија Тантуровска, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Свето Тоевски, проф. д-р Људмил Спасов, д-р Славчо Ковилоски, Атанас Конески, проф. д-р Веле Смилевски, проф. д-р Ранко Младеноски, проф. д-р Звонко Танески, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Атанас Вангелов, проф. д-р Далибор Јовановски, м-р Кица Колбе и проф. д-р Милан Јазбец, кои секој од свој аспект фрлаат нова светлина врз творештвото на Конески. Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, во името на издавачот – Општина Куманово, за зборникот, меѓу другото, истакнува дека ова претставува вистински начин да го сочуваме сопственото јас, да продолжиме да го негуваме и чуваме од заборав сето она што со години некој неуморно го градел и создавал. -По зацртаната патека, која Блаже Конески ја одбележа, учејќи нè на тоа што претставува историја на еден јазик, треба гордо да чекориме од причина што пораките, кои тој ги создаде, се јасни и прецизни - да ги чуваме богатството, културата и јазикот македонски, истакна Димитриевски. Рецензентот, проф. д-р Људмил Спасов, пак, за „Навраќање кон Конески“ истакнува: „Конески по еден повод истакна дека македонскиот јазикот и сè што е создадено на него е нашата идеална татковина. Оваа книга е уште еден убав прилог кон неа“. -Зборникот „Навраќање кон Конески“ на Свето Стаменов и проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, со сето она што го содржи, несомнено може да се смета и за јасен и недвосмилен македонски одговор на најновите бугарски негирања и посегања попосебноста на македонската нација, на нејзиниот национален идентитет, на нејзината историја и, особено, на македонскиот јазик, сметаат приредувачите на Зборникот. мд/дма/

Остани поврзан