• петок, 06 март 2026

Објавени досиеја на ФБИ: Непотврдени сведоштва за сексуално насилство од страна на Трамп во 80-тите години

Објавени досиеја на ФБИ: Непотврдени сведоштва за сексуално насилство од страна на Трамп во 80-тите години

Вашингтон, 6 март 2026 (МИА) – Министерството за правда на САД објави документи на Федералното биро за истраги (ФБИ), кои содржат записници од распити во 2019 година поврзани со непотврдени обвинувања против Доналд Трамп во рамки на аферата „Епстин“.

Во документите, неименувана жена наведува дека била жртва на сексуално насилство од страна на Трамп во текот на 80-тите години на миналиот век, во период кога била малолетна.

Американското Министерство за правда преку социјалните мрежи појасни дека овие извештаи од распитите првично биле изоставени од материјалите објавени во јануари, кои се однесуваа на покојниот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, со образложение дека се сметало оти се дуплираат со други документи.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, минатата недела ја обвини администрацијата на Трамп за прикривање на бројни документи од досието „Епстин“ и го предупреди Министерството за правда да не ги уништува доказите за случајот.

Според вчерашните објави, ФБИ извршило четири распити со жената во периодот меѓу јули и октомври 2019 година. Во секој од нив, жената, чиј идентитет е заштитен, тврди дека била подложена на сексуален терор од страна на Епстин.

За време на вториот распит, таа пред федералните истражители изјавила дека Епстин ја однел во Њујорк и во Њу Џерси, каде му била претставена на Трамп. Во тој период таа имала меѓу 13 и 15 години. Според извештајот на ФБИ, таа посочила дека за време на патувањето Трамп извршил сексуално насилство врз неа. Меѓутоа, при четвртиот распит во октомври 2019 година, жената одбила да даде дополнителни детали за нејзината интеракција со Трамп.

Од објавените документи станува јасно дека контактите меѓу жената и Трамп биле воспоставени во почетокот или средината на 80-тите години, период за кој се смета дека Трамп и Епстин не одржувале блиски врски.

Доналд Трамп, кој некогаш бил близок со Епстин и се движел во истите социјални кругови, постојано тврди дека не знаел за неговите криминални дејствија и дека ги прекинал контактите со него долго пред неговите проблеми со правосудството. ссм/сд/

фото: архива

Остани поврзан