• понеделник, 23 декември 2024

Објавена книгата „Даница Ручигај: Песна над песните“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов

Објавена книгата „Даница Ручигај: Песна над песните“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов

Скопје, 19 ноември 2020 (МИА) - Во издание на „Академски печат“ од Скопје од печат излезе книгата „Даница Ручигај: Песна над песните“ на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.

Оваа најнова книга на Чоловиќ и Стаменов е резултат нa нивното дведецениско истрајно пасионирано истражување на животот и на творештвото на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која трагично го загуби својот живот во катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Иако зад себе остави само две стихозбирки, од кои првата „Сребрени ноќни игри“ беше објавена во 1960 година, а втората „Заробеници на ветрот“ постхумно, неколку месеци по нејзината смрт во 1963 година, Даница Ручигај остави неизбришливи траги не само во современата македонска литература, туку и во македонската култура воопшто.

Книгата „Даница Ручигај: Песна над песните“ содржи педесетина текстови - сеќавања, сведоштва и импресии на 35 нејзини содружници,  пријатели, познаници, современици, но и наследници и следбеници и поезија за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај. Во книгата можат да се прочитаат сеќавањата и импресиите на академиците Матеја Матевски и Радован Павловски, потоа на Елена Бендевска, Бистрица Миркуловска, Миле Попов, Нико Този, Коста Балабанов, Евгенија Шуплинова, Гордана Михаилова - Бошнакоска, Михо Атанасовски, Коле Чашуле, Светлана Христова – Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Иван Чаповски, Александар Ежов, Бранко Варошлија, Васил Тоциновски, Виолета Христовска, Људмил Спасов, Александар Прокопиев, Ристо Јачев,  Кристина НиколовскаМилан Јазбец и др.

Рецензенти на книгата „Даница Ручигај: Песна над песните“ се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Милан Јазбец, поранешен амбасадор на Република Словенија во земјава и познат словенечки писател и поет, а нејзиното излегување е овозможено со финансиски средства на Министерството за култура.

Искра Чоловиќ и Свето Стаменов се автори и на книгите посветени на првата македонска поетеса „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017) и „Лабудова песна Заробљенице ветра“ (2019), како и на антологијата на песни посветени на Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“ (2018), а беа приредувачи и на книгата на Даница Ручигај „Сребрени ноќни игри & Заробеници на ветрот“, која беше објавена во 2003 година по повод четириесетгодишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година.  мд/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан