• понеделник, 23 декември 2024

Објавена книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Објавена книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Скопје, 4 август 2023 (МИА)  - По повод 30 години од смртта на Блаже Конески, книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски. Книгата претставува ново исчитување на книжевното дело на великанот, при што во неа се отвораат прашања и се изнесуваат согледби и заклучоци и за некои помалку анализирани, афирмирани и вреднувани, а важни сегменти од опусот на Конески.

– Во оваа книга, Иван Антоновски на извонреден начин потсетува на тестаменталното значење на клучните пораки на Блаже Конески во врска со македонскиот опстанок. Идејата водилка на оваа книга е да не се маргинализираат пораките на Конески, затоа што тоа би значело културна маргинализација на Македонците. Никој не се откажал од својата историја, а некои посегнале по туѓата. И едните и другите ја знаат важноста на историја за сегашноста и за иднината. Откажувањето не е опција. Тоа е нишката која од одделните текстови на оваа книга прави една целина. Целина во којашто се промислува нашата домородна „македонијада“, истакнува академик Катица Ќулавкова.

Според оцените на проф. д-р Димитар Пандев, во оваа книга, Антоновски прецизно го чита Конески и го чита тестаментално, како што се чита послание срочено од престижна јазикотворечка личност.

– И ја доловува смислата на Конески, на која самиот тој толку инсистираше и не дозволуваше прашања. Но долг и право е на авторот следбеник на тие загатнати прашања да посочи одговор. Во името на егзактноста со која понира во пределните области на Конески, нагласува Пандев.

Според проф. д-р Владимир Мартиновски, не е воопшто лесно за Конески да се пишува „просто и строго“. 

–Научните статии и огледи од кои е сочинета книгата „Просто и строго – Конески“, со строга акрибичност, со прецизна научност, но и со топла непосредност ги истражуваат книжевните дела на Конески, помагајќи ни да ја насетиме нивната „скриена смисла“, посочува Мартиновски.

Според него, со својата љубопитност, упатеност и посветеност, Антоновски ни помага да влеземе во авантурата која е бескрајно возбудлива: доисчитување и доистражување на опусот на Конески. Антоновски, како што маведува, ни покажува дека колку повеќе навлегуваме во светот на Конески, толку повеќе ја чувствуваме актуелноста на неговото дело.

– Затоа, оваа книга на Антоновски, настанувана постепено, претежно преку учество на бројни научни собири по повод 100-годишнината од раѓањето на Конески, е одличен прилог кон одбележувањето на 30-годишнината од неговата смрт. Со оваа книга, Иван Антоновски, токму просто и строго, нè уверува во бесмртноста на делото на Блаже Конески, нагласува Мартиновски.

Иван Антоновски е млад, но искусен и докажан автор, асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Минатата година беше прогласен за најдобар млад научник од хуманистичките науки и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Дел од научните трудови за кои го доби признанието се објавени и во оваа негова книга за Конески.

Со одбележувањето на 30-годишнината од смртта на Блаже Конески со објавувањето на книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски, книгоиздавателството „Матица македонска“ продолжува со остварување на својата определба за вложување во афирмацијата и вреднувањето на делото на великанот, заради која и минатите години објави неколку книги кои се однесуваат на неговиот опус.

Книгата „Просто и строго – Конески“ веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“ во Скопје, како и преку онлајн-книжарницата. мд/бак/

Фото: „Матица македонска“ 

Остани поврзан