• петок, 22 ноември 2024

Објавена двотомната книга „Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ на Свето Стаменов

Објавена двотомната книга „Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ на Свето Стаменов

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Од печат деновиве излезе двотомната книга „Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ на Свето Стаменов.

„Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ е збирка на 83 радио-интервјуа посветени на словенечко-македонските односи и соработката во изминатите две децении, поточно од февруари 2004 до февруари 2023 година со четириесетина видни словенечки личности од политичкиот, дипломатскиот, стопанскиот и културниот живот на Словенија, реализирани на програмите на Македонското радио – Радио Скопје.

Првата книга, која започнува со воведна студија на поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја и универзитетски професор Милан Јазбец „Журналистички монумент на шаренолик дипломатски потфат“, и која е своевиден научен поглед врз дипломатските и севкупните односи меѓу двете држави содржи 51 радио-интервју. Интервјуата се реализирани во периодот од 16 февруари 2004 година, кога беше емитувано интервјуто со тогашниот словенечки министер за надворешни работи Димитриј Рупел, до 5 ноември 2018 година, кога беше емитувано интервјуто со тогашниот словенечки амбасадор Милан Јазбец, посветено на отворањето на новата зграда на Амбасадата Република Словенија во Скопје.  

Тематски интервјуата се однесуваат на словенечко-македонските билатерални односи и соработката на речиси сите полиња, особено на политички, дипломатски, економски и културен план, на поддршката и помошта што Словенија ѝ ја дава на земјава во евроитегративните процеси, со посебен акцент врз словенечките искуства во тие процеси, како и на положбата на припадниците на македонската национална заедница во Словенија.

Втората книга содржи 32 интервјуа реализирани во периодот од 2 февруари 2019 година до 4 февруари 2023 година. Овие интервјуа, освен словенечко-македонските билатерални односи и соработката на речиси сите полиња, се однесуваат првенствено на последната фаза на процесот на зачленување на Северна Македонија во НАТО, на започнувањето на процесот на зачленување на земјава во Европската Унија и на јубилеите 15 години од зачленувањето на Словенија во НАТО-сојузот и во Европската Унија и 30-годишнината од македонско-словенечките дипломатски односи, како и на пандемијата на коронавирусот и на теми од културата и литературата.

Книгата „Словенија и Македонија: калеидоскоп на пријателство и дипломатија“ е објавена со финансиска поддршка на Министерството за култура.  Збогатена е и со пригодните текстови - рецензии на поранешните словенечки амбасадори Марјан Шифтар и Милан Јазбец, Трајан Гоцевски и на универзитетските професори Цане Т. Мојаноски и Димитар Пандев. бак/

 

Остани поврзан