• недела, 22 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
8 јануари 2021 (МИА) Собор на Пресвета Богородица  Со овој празник ѝ се оддава признание на мајката Божја, Пресвета Богородица која е најзаслужна за раѓањето на Спасителот. Во таа смисла се и црковните песни коишто се исполнуват при црковните свечености. Но во народното сфаќање овој ден се смета за втор ден на празникот Божик и празнувањето е во тој дух. Пресвета Богородица е опеана и во голем број народни песни. Света Богородица и манастир Трескавец Фала Богу за чудо големо, Што е она чудо за чудење! Застанала јасна месечина, Со сонцето ем среде во неа, И до неа она јасна ѕвезда, Застанала на Златоврв планина. Фала Богу за чудо големо! Не ми била јасна месечина, Со сонцето ем среде во неа И до неа она јасна ѕвезда: ами било света Богоројца Со Исуса в раце го држела, И до неа ангел од небеси Застаната на Златоврв планина, Да ми праит чесна манастира Кај што била елимската црква. Елмите сите нарипале, Да н’остаат света Богоројца, Да напраит света манастира. Кога виде света Боигоројца, Оти тие не ‘а оставале За да праит црква манастира, Го пратила ангело на небо, Да довикат ангели ем светци; Кога пошол ангело на небо, Та му кажал абер Богоројчин, Сите светци на нозе станале, На рај Божи крста ми дигнале, Му го дале на свети Јоана, Да го носи, светци да си води. Кинисале ангели и светци, И ми дошле кај Богоројца, Кондисале на Златоврв-планина, Мушавере тие ми сториле, Во еден збор сите тие дошле, Да истерат Елимите сите, Од црквата тамо што имале, И на неа манастир да праат, За да седи света Богоројца. Проговори света Богоројца: -Ој ви светци, Божи угодници, Елимите вие истеравте, Од нивната црква нерисјанска, Вие мене црква напраивте, И манастир ми ја нарековте, Од вас еве јас што сакам: Вие долу да појдите в поле, Манастрири, цркви да праите, За и вие во нив да седите, Да сте близу и вие до мене, Елимите да и изгониме, Православна вера да држиме. Ми станале седумдесет светци, Што ми слегле богме сите в поле, И отишле во Вароша града, Направиле цркви манастири, Друзи светци ошле Света Гора, Направиле цркви манастири, И денеска уште стојат, Рисјани се во нив Бога молат, Чест му праат на сите светии, Слават Бога и Богоројца. Од Зборникот на Миладиновци. Слово како се воздигна Богородица Кога стана успението на пресвета Богородица ангелите и апостолите на облаците се собираа и, Тома наречен бизнак. Сета Индија ја уверија во тој час, три илјади луѓе, и не сакаше да дојде дури не го увери сиот народ. Зеде облак светол и тој го донесе, и ја сретна света Богородица што се носеше на облаците и во рајот влегуваше. Светите апостоли ја испратија Богородица и се советуваа како да го отфрлат Тома од себе и тој да биде еретик. Кога ја сретна Тома Пречистата, кликна со силен глас: „Помилуј ме Пречиста! Мене другарите мои сакаат да ме отфрлат од себе, туку дај ми знемение свое да ме примат другарите мои“. Света Богородица му го даде својот појас. И дојде тој кон апостолите. Тие со него не зборнаа дури не се пожалат на Пречиста. И седнаа да јадат, а Тома не го поканија, каде што му беше местото. Тома седна последен од сите. Рече Петар: „Како да ја почестиме Пречистата Богородица?“ Рекоа сите еден по друг и ништо не избраа. И на Тома му рекоа: „Кажи ти, Томо!“ Тој рече: „Вие мене ме одлачивте од себе, како да кажам?“ Петар рече: „Кажи да ти биде зборот твој приличен! А од нас те одлачува твоето дело!“ Тома стана и го пресече на три лебот, и им се поклони на сите и рече: „Постете ми и благословете ме, да ја издигнеме Пречиста!“ Рекоа апостолите: „Бог да те прости и благослови!“ Тој рече: „Велико е името на пресветата Троица!“ Тома го зеде лебот во рацете свои и се прекрсти и рече: „Пресвета Богородице, помагај ни!“ И го извди појасот и им го даде. Го видоа појасот и го познаа и се ужаснаа. И му се поклонија на појасот и го примија Тома со себе. Петар рече: “Томо благословен си во веки, амин!“ А на Господа наш (слава). (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан