• сабота, 23 ноември 2024

Обвинителката Лиле Стефанова за „Плацови на Водно“: Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски

Обвинителката Лиле Стефанова за „Плацови на Водно“: Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски
Скопје, 16 јули 2021 (МИА) - Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски, изјави денеска обвинителката Лиле Стефанова во воведниот говор од првото рочиште за случајот „Плацови на Водно“ во кое првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а со обвинението се соочени и Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“. - Обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдиме ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба, кажа Стефанова во воведниот говор. Притоа, побара сите обвинети да бидат огласени за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт. По воведниот говор на обвинителката, поради правило на еднаквост на оружјата, одбраната упати предлог да им се дозволи да разгледаат докази, кои, според нив, беа споменати во воведниот говор на обвинителката, а не им биле дадени на увид претходно, по што судот одлучи да ја одложи расправата за 19 јули. Според обвинението, обвинетиот Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела. Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево. Екс премиерот Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев во Судот беа спроведени од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост. Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава, од каде откако го прифатија и електронски го распределија кај судечки совет, го закажаа и првото рочиште за денешниот датум. Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова. ар/ац/

Остани поврзан