• петок, 22 ноември 2024

Обвинителите ќе се оценуваат врз основа на шестмесечен извештај со увид во шест предмети, а судиите врз увид во 10 предмети

Обвинителите ќе се оценуваат врз основа на шестмесечен извештај со увид во шест предмети, а судиите врз увид во 10 предмети
Скопје, 30 декември 2020 (МИА) – Враќањето на довербата во правната држава може да се случи само преку ефикасно судство и јавно обвинителство. Европската Комисија како резултат на спроведувањето на стратегијата за реформа во правосудството со што се адресираат и препораките од итните реформски приоритети, Извештајот на Прибе и на Венецијанската комисија нотира добар напредок во правосудството во нашата земја. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за правда Бојан Маричиќ, кој заедно со јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев ја презентираа Методологијата за проверка на работата на правосудството. -Сепак, во извештајот се наведено дека е потребно случаите за висока корупција и организиран криминал, вклучително и оние кои ги отвори поранешното СЈО да бидат затворени, односно да има правосилни пресуди. Изминатиот период бевме сведоци дека некои од овие предмети, но и други често се одлагаа, некои од нив застаруваа, а за некои целиот процес се одвиваше едноставно многу бавно. Токму затоа ЕК препорачува дека во фокусот за следниот период треба да се продолжи со конзистентно спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор и ажурираниот Акциски план на инклузивен начин, имплементација на правната рамка од клучните чинители со што ќе се придонесе за подобрување на довербата во правосудниот систем, нагласи Маричиќ. Министерот потсети дека пред неколку недели Судскиот совет како надлежна институција донел неколку клучни документи со кои ќе биде спроведена динамична проверка на работата на судиите и ќе придонесе кон зајакнување на транспарентноста, одговорноста и етиката во фелата. Правилник за оценување донеле и од Јавното обвинителство, што според Маричиќ е темел за зајакната одговорност согласно Законот за јавно обвинителство. -Овој процес како Влада и како Министерство ни е од исклучително значење и веруваме дека истиот ќе придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем која долго време беше на ниско ниво. Ние не сакаме на кој било начин да правиме притисок или какво било влијание врз судството и обвинителството, но должни сме да се грижиме и будно да го следиме процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од какви било притисоци ослободен правосуден систем. Тоа им го должиме на граѓаните, порача Маричиќ. Јавниот обвинител Љубомир Јовевски појасни дека во Правилникот за оценување на работата на јавните обвинители се доизработени законските основи и дека при проверка на работа на обвинителите за критериуми ќе се ценат стручност и квалитет во одлуките, правните лекови и други писмена, ажурност и ефикасност во постапување на јавниот обвинител, непристрасност и совесност,... -Како и во рамките на судовите, оценувањето на јавните обвинители се врши на четири години и овој нов циклус на оценување ќе започне од 1 јануари следната година. Меѓутоа, обвинителите ќе се оценуваат врз основа на шестмесечни извештаи во кои ќе бидат разгледувани шест предмети, од кои три ќе ги посочи јавниот обвинител, додека другите предмети ќе се изберат по случаен избор појаснува Јовески. Јавниот обвинител информираше дека предвидено е и оценување на раководителите на обвинителствата, но и дека Обвинителството и натаму ќе постапува и ќе врши увид во предметите по кои има претставки за да ги испита наводите во претставката и ја испита во конкретниот случај ажурноста и совесното постапување на јавниот обвинител. -Во Законот и во Правилникот за дисциплинска одговорност предвидени се одредби за дисциплинска одговорност на обвинителите од причина што доколку при овие надзори се утврди дека обвинителот неажурно, несовесно и нестручно постапува против него може да се поведе постапка за дисциплинска одговорност. Со тој дел целосно ќе се заокружи оваа правна рамка во делот на одговорноста на јавните обвинители, потенцира Јовески и нагласи дека обвинителството во следниот период многу поголемо значење ќе му даде на овој процес на утврдување на работата на Јавните обвинители со намера да се зголеми нивната одговорност и ефикасност на работа. Во рамките на Стратегијата за реформи во правосудниот сектор беа донесени Законот за измена и дополнување на Законот за судовите кој влезе во сила на ден 25 мај 2019 година и Законот за Судски совет на РСМ кој влезе во сила на пет дена подоцна од Законот за судовите. Според претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, за почитување и имплементација на принципот на самостојност и независност на судството е изборот и утврдување на одговорност на судиите во случај на сторена дисциплинска повреда или нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Здравев информираше дека минатиот месец на седница на Судскиот совет биле разгледани извештаите од членовите на ССРСМ и претседателите на судовите за застарените предмети и старите назавршени кривични, граѓански и управни предмети и дека донесените заклучоци се доставени до претседателите на судовите со обврска да ги имплементираат. На седница на Судскиот советот одржана на ден 18 овој месец била донесена  Методологијата за оценување на работата на судија врз основа на исполнетост на квалитативните критериуми за судиското работење и Образец за оценување и бодување на исполнетост на квалитативните критериуми за работата на судијата. -Во оваа Методологијата се утврдуваат индикатори за ефикасно следење на степенот на исполнетост на квалитативен критериуми за оценување на работата на судија, начинот на оценување и бодување на под-критериумите и индикаторите со кои се утврдува степенот на исполнетост на критериумот квалитет на водење на судската постапка при увидот во секој поединечен предмет на судијата кој се оценува. Методологијата ги содржи и квалитативните критериуми, насловени како - квалитет на ажурно постапување и квалитет на работата на судијата, кои се оценуваат преку увид во податоците од автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети од страна на Судскиот совет, истакна Здравев. Оценувањето на квалитетот на водење на судската постапка ќе се врши преку увид во десет предмети на оценуваниот судија од периодот на оценување од кои пет предмети се добиваат по случаен избор од страна на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети и пет предмети определени од самиот судија чие водење на судска постапка се оценува. Увидот во овие предмети го вршат комисии составени од пет члена на судии од сите апелациони судови, односно од непосредно повисокиот суд, а ги формира Советот по случаен избор. На истата седница Советот донел и Методологија за квалитативно оценување на претседателите на судовите кое ќе го вршат комисии. При оценувањето на претседателите на судовите се зема во предвид транспарентност на извештаите, реализацијата на Пргограмата за работа и Акцискиот план, примена на Судскиот деловник, функционирањето на системот за управување со судските предмети, квалитетот на донесените одлуки во судската управа и односи со јавност и транспарентност, Судскиот совет усвоил и Упатство за начинот на пресметување на ефективни работни часови како и Програма за работа на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2021 година во која, меѓу другото, се предвидува и континуирано следење на работата на судовите, проекција за слободни судиски места, анализа на тромесечните и годишните извештаи за работа на судовите, зајакнување на авторитетот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, ... бк/ац/

Остани поврзан