ОАЕ официјално го потврди апсењето на бугарскиот тајкун Божков
- Апсењето на бараниот бугарски тајкун Васил Божков во Обединетите Арапски Емирати, заедно со уште две лица, е официјално потврдено, изјави днеска јавниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев.
Софија, 2 февруари 2020 (МИА) - Апсењето на бараниот бугарски тајкун Васил Божков во Обединетите Арапски Емирати, заедно со уште две лица, е официјално потврдено, изјави днеска јавниот обвинител на Бугарија, Иван Гешев.
- Имаме официјална потврда од ОАЕ за апсењето на Божков и други две обвинети лица, истакна Гешев, додавајќи дека следува процедура на испраќање документи за екстрадиција.
Божков е уапсен вчера во ОАЕ, а Обвинителството во Софија покрена истрага против него во врска со лажирање игри на среќа, при што е обвинет по седум точки за криминално дело, меѓу кои за шеф на организирана криминална група, за принуда, за изнудување, за обид за поткуп на службено лице, како и за поттикнување и сторено кривично дело.
Неговиот соработник, бизнисменот Борис Бекијаров, исто така, вчера беше уапсен на аеродромот во Виена.
Во текот на вчерашниот ден беше приведен и директорот на Комисијата за игри на среќа, Александар Георгиев, кој призна дека го заштитувал бизнисот на бугарскиот тајкун Васил Божков.
Според бугарското Обвинителство, организираната криминална група, предводена од Божков, дејствува низ цела Бугарија од 2014 година и е формирана со цел да врши принуда, изнуда, перење пари. Постојат податоци дека шефот на групата му нудел по 10.000 лева (околу 5.000 евра) дневно на вработен во Комисијата за игри на среќа за да достави предлози за одземање на лиценците на конкурентските компании.
При полицискиот претрес од домот на Божков се одземени голем број уметнички слики, како и огромна сума пари од неговото казино. гт/