• сабота, 04 јануари 2025

Ноќно искачување на Пелистер со планинарите на „Олимпус Монс“-Битола

Ноќно искачување на Пелистер со планинарите на „Олимпус Монс“-Битола

Битола, 2 јануари 2025 (МИА) - Триесетина планинари, членови на планинарскиот клуб „Олимпус Монс“ од Битола ја продолжија традицијата на ноќно искачување на врвот Пелистер.

Првото изгрејсонце на Пелистер го дочекавме по 14 пат и продолживме со зимскиот настан кој го нарековме „Први на први“, изјави за МИА Иванчо Тошевски, претседател на „Олимпус Монс“.

-Ноќното искачување на врвот Пелистер (2601 мнв) го почнавме точно една минута по полноќ на 1 јануари од пред Инфоцентарот на Националниот парк Пелистер. Искачувањето на патеката долга 13 километри се одвиваше повеќе од 5 часа и со единствена цел на врвот Пелистер да се дочека првото изгрејсонце во Новата година. Магијата на првото изгрејсонце во новата година е неповторлива и може само да се доживее, истакна Тошевски по враќањето во Битола.

Според Тошевски, врвот Пелистер е најдобар природен видиковец од каде погледот допира до Шара, Пирин и Олимп.

-Секоја година условите за искачување и ризиците се различни, но чувството да се биде дел од промовирањето на она што е наша природна убавина и реткост е бесценето. Пелистер е еден од најдобрите природни видиковци и во еден момент на првото изгрејсонце истовремено погледот допира до Шара на север и Пирин на исток, па се до Олимп на југ. Покрај промовирање на природните убавини, една од целите на овој настан е и промовирање на поинакви и здрави навики на живот, нагласи Тошевски.

Ноќното искачување до врвот Пелистер годинава се одржа во рамки на манифестацијата „Зимска приказна“. мт/хс/

Фото: „Олимпус Монс“ Битола

Остани поврзан