• петок, 27 декември 2024

Норвешка ја прекина истрагата за можната врска меѓу Норвежанец, сопственик на бугарска фирма и експлозивните пејџери за Хезболах

Норвешка ја прекина истрагата за можната врска меѓу Норвежанец, сопственик на бугарска фирма и експлозивните пејџери за Хезболах

Осло, 25 ноември 2024 (МИА) - Норвешката безбедносна служба (ПСТ) денеска соопшти дека не пронашла докази за продолжување на истрагата за норвешка поврзаност при испораката на пејџерите што експлодираа во септември до Хезболах во Либан.

Во истовремените експлозии на уредите загинаа десетици луѓе, а илјадници беа повредени,

Израел ја презеде одговорноста за пејџерскиот напад, кој го изненади Хезболах и беше проследен со масовна воздушна и копнена воена кампања против групата поддржана од Иран.

Норвешката безбедносна служба започна прелиминарна истрага откако стана јасно дека Бугарија води истрага за норвешки државјанин, сопственик на бугарска компанија, во врска со случајот.

-Целокупната проценка на ПСТ за откритијата во случајот покажува дека нема основа да отвориме нормална истрага, изјави денеска портпаролот на норвешката служба за безбедност во име на адвокатот на службата Харис Хреновица. Тој не даде повеќе детали.

Бугарската државна агенција за национална безбедност (ДАНС) на 20 септември објави дека е „неспорно утврдено“ дека пејџерите што се користат во Либан не се произведени или извезени од Бугарија.

Триесет и девет годишниот норвешки државјанин, сопственик на бугарската компанија, кој е под истрага во Бугарија - Ринсон Хозе, отпатувал од Норвешка во САД на 17 септември, ден пред да се разнесат пејџерите во Либан.

Тој работел во одделот за продажба во норвешката компанија DN Media Group, која го пријавила исчезнатиот вработен во полиција. Полицијата соопшти дека го затворила случајот откако Хозе го контактирал својот работодавец на 5 ноември.

Норвешките власти не објавија детали за тоа каде се наоѓа Хозе. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан