• петок, 05 декември 2025

Нов објект за ОУ „Крсте Мисирков“ во Ченто од септември идната година

Нов објект за ОУ „Крсте Мисирков“ во Ченто од септември идната година

Скопје, 2 јуни 2025 (МИА) - До септември идната година се очекува да заврши изградбата на новиот објект на основното училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто, општина Гази Баба, со кој ќе бидат заменети дотраените бараки каде што наставата се одржувала шест децении. 

Министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот Бобан Стефковски денеска беа на увид во изградбата и соопштија дека активностите се одвиваат  согласно договорената динамика со изведувачот.

Градоначалникот Стефковски соопшти дека станува збор за инвестиција од речиси три милиони евра која очекува да биде завршена до септември 2026 година. Објектот ќе се простира на површина од 3150 квадратни метри, на приземје и кат. 

-Триесет нови училници и кабинети ќе им бидат достапни на наставниците и дечињата на школска возраст од оваа населба, а објектот ќе го користат и многу нови генерации. По шест децении, старото училиште ќе биде заменето со ново, рече Стефковски.   

Министерката Јаневска посочи дека инфраструктурата е еден од основните услови за квалитетен воспитно-образовен процес, покрај наставните програми и учебниците и мотивирани наставници за работа.

-Владата има издвоено околу три милиони евра за ова огромно училиште во кое веќе од следната година се надевам дека ќе учат 713 ученици. Не е доволно, но верувам дека ќе продолжиме и понатаму да ја подобруваме инфраструктрата ... Владата е силно посветена на изградба на нови училишни објекти и реконструкција на дотраените. Во моментов имаме над 30 активни инфраструктурни инвестиции во вредност од 32 милиони евра. Градиме осум нови училишни објекти и овој е еден од нив. Реконструираме 20-ина училишта, градиме четири нови спортски сали, а темелно се реконструираат два студентски дома во Скопје, информираше Јаневска.  хс/ац/

Фото: МОН

Остани поврзан