• четврток, 11 декември 2025

Ново партнерство на ФФМ и FANZEAL за проширување на дигиталните и комерцијалните можности

Ново партнерство на ФФМ и FANZEAL за проширување на дигиталните и комерцијалните можности

Скопје 10.декември 2025 (МИА) - Фудбалската федерација на Македонија денеска ја претстави новата стратешка соработка со иновативната платформа FANZEAL, која претставува значаен чекор во дигиталната трансформација на македонскиот фудбал. На официјалниот настан присуствуваа претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и Горан Пандев и претставниците на FANZEAL, извршниот директор Самуел Арнал и Дејан Вељковиќ.

Соработката меѓу ФФМ и шведската компанија е потврда дека фудбалот и новите дигитални алатки заедно можат да создадат нови можности, нови начини на поврзување и ново ниво на поддршка од навивачите и комерцијалните партнери.

-   Нашата цел е јасна, да создадеме ново ниво на интеракција со навивачите, да ја зголемиме видливоста на нашиот бренд и да го отвориме фудбалот за нови можности. FANZEAL токму тоа го овозможува, директна поврзаност со публиката, персонализирани содржини, дигитални алатки и платформа која им нуди повисока вредност и на навивачите и на нашите партнери. Ова партнерство не е само технолошка новина. Тоа е стратегиска можност за зголемување на нашите комерцијални потенцијали. Со FANZEAL ја отвораме вратата за нови спонзори, за креативни кампањи, за подобра активација на постојните партнери и за нови брендови што сакаат да бидат дел од македонската фудбалска приказна“, истакна Омерагиќ.

Горан Пандев е избран да биде едно од заштитните лица на македонската платформа FANZEAL.

Извршниот директор на FANZEAL, Самуел Арнал, истакна дека платформата е создадена да ги приближи навивачите до тимовите и играчите.

-   Голема чест ни е што стануваме партнер на Фудбалската федерација на Македонија и што добиваме можност да придонесеме кон модернизацијата на фудбалското искуство во земјата. FANZEAL е создаден со цел да ги приближи навивачите до тимовите и играчите, да создаде нови можности за ангажман и да отвори простор за иновативни комерцијални модели. Веруваме дека со ФФМ можеме да изградиме платформа која не само што ќе ја унапреди комуникацијата со навивачите, туку и ќе им понуди значајна вредност на сегашните и идните партнери на федерацијата“, истакна Самуел Арнал.

Фудбалската федерација на Македонија ја презентираше платформата FANZEAL пред своите постојни и потенцијални комерцијални партнери. На настанот беа претставени клучните функционалности на платформата и нејзиниот потенцијал за унапредување на навивачкото искуство, како и можностите за нови модели на комерцијална активација.   мн/

Фото: ФФМ

Остани поврзан