• петок, 22 ноември 2024

Нови спорадични судири меѓу Азербејџан и Ерменија, пред преговорите во Вашингтон

Нови спорадични судири меѓу Азербејџан и Ерменија, пред преговорите во Вашингтон
Ереван, 7 ноември 2022 (МИА) - Азербејџан и Ерменија денеска се обвинија меѓусебно за новите погранични гранатирања, пред преговорите во Вашингтон, чија цел е да се стави крај на конфликтот каде изминатите месеци загинаа стотици луѓе. Министрите за надворешни работи на двете земји во текот на денешниот ден треба да почнат преговори во САД, под покровителство на американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Неодамна, ерменскиот премиер Никол Пашињан и азербејџанскиот претседател Илхам Алијев на самитот во Русија со рускиот претседател Владимир Путин, ветија дека „нема да користат сила“, Но, ноќва „единиците на азербејџанските вооружени сили отворија оган... врз ерменските позиции во источниот сектор на границата“, информираше Министерството за одбрана на Ерменија, додавајќи дека „нема жртви“. Азербејџанското Министерство за одбрана ги обвини ерменските сили дека тие отвориле оган „од лесно оружје од различен калибар“ врз нивните позиции, а притоа, немало жртви. На границата на двете земји редовно избиваат конфликти. Во септември загинаа 286 лица на двете страни, па се зголемија стравовите од нова војна, како таа во 2020 година кога имаше над 6.500 жртви. Конфликтот е поврзан со територијални спорови, Нагорно-Карабах, планински регион, населен со мнозинство Ерменци, отцепен од Азербејџан во почетокот на 1990-те години. Во првата војна загинаа над 30.000 луѓе. Од 2020 година се водат тешки мировни преговори со неколку паралелни иницијативи. Европската Унија повеќепати ги собираше Пашињан и Алијев во Брисел, а САД во септември организираше состанок на министрите за надворешни работи на двете држави. Дел од медиумите пишуваат дека Русија, што го смета Кавказ за нејзина сфера на интерес, на тоа не гледа баш позитивно, сомневајќи се оти Западот сака таму да се натпреварува со неа, додека е преокупирана со војната во Украина. бд/сд/

Остани поврзан