• четврток, 21 ноември 2024

Нови пет лица хоспитализирани со голема кашлица, вкупно 1.022 случаи во државава

Нови пет лица хоспитализирани со голема кашлица, вкупно 1.022 случаи во државава

Скопје, 16 август 2024 (МИА) - Во периодот од 9 до 15 август, пријавени се 21 нов случаj на пертусис или голема кашлица. Возраста на заболените се движи од еден месец до 40 години, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години. Од новите случаи, петмина се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

- Заклучно со 15 август, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 1.022 случаи на голема кашлица, со инциденца од 55,6/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени, во однос на изминатиот петгодишен период - 2019 - 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи, пишува во извештајот.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 465 лица се од машки, а 557 од женски пол.

Кај 1.015 лица биле регистрирани симптоми, додека болеста кај седуммина била во асимптоматска форма.

- Од заболените, хоспитализирани се 148 лица и тоа 127 од нив на возраст до четири години. Најголем број од случаите се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број на хоспитализирани лица, 146 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по осум дена, појаснуваат од ИЈЗ.

Од вкупниот број на регистрирани случаи, 641 не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Од 18 јануари до 15 август, дадени се вкупно 64.146 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Во тек се три епидемии пријавени во ниво на територијата на Скопје, Куманово и на Тетово. бд/дма/

Фото: МИА архива, ИЈЗ

Остани поврзан