• понеделник, 23 декември 2024

Нови паркови, детски игралишта и паркинзи – предлози на граѓаните на Центар за подобрување на животот во општината

Нови паркови, детски игралишта и паркинзи – предлози на граѓаните на Центар за подобрување на животот во општината
Скопје, 5 декември 2020 (МИА) - Општина Центар ги одржа двете сесии на буџетските форуми за 2020 година, на кои жителите на Центар имаа можност да предлагаат идеи, проекти и предлози за подобрување на животот во општината. Од Општината информираат дека почнувајќи од 24 ноември заклучно со 2 декември, граѓаните можеле да одговараат на тематските анкетни прашалници поставени на општинската веб страна, но и да учествуваат во буџетските форуми кои се одржаа на 3-ти, односно 4-ти декември. - Поделени на 7 теми од интерес, согласно општинските програми за работа: инфраструктура, урбанизам, животна средина, локален економски развој, образование, социјална заштита и култура, ова е седма година по ред во која се одржуваат општинските буџетски форуми. Оваа година, поради прогласената пандемија на КОВИД 19, буџетските форуми се одржуваа онлајн, односно преку платформата ZOOM, соопштуваат од општинската прес-служба. Од анкетните прашалници Општина Центар добила 97 одговори, а како приоритетни се издвоени изведбата на нови паркови и детски игралишта, заштитата на животната средина и реконструкција на улиците. Граѓаните на градоначалникот Саша Богдановиќ и општинските служби на буџетските форуми, им ги презентирале секојдневните проблеми со кои се соочуваат - состојбата на паркинзите во Општина Центар, оштетувања на одредени сервисни улици под општинска надлежност, наставно-воспитниот кадар во основните училишта и детските градинки и аерозагадувањето. Оттаму посочуваат дека одговорите од тематските анкетни прашалници и заклучоците добиени од граѓанските буџетски форуми на Општина Центар ќе се приоретизириаат, систематизираат и ќе се достават до надлежните општински сектори, а подоцна дел од нив ќе се вметнат во општинските програми за работа за наредната 2021 година. Оние прашања, идеи и проблеми кои жителите ги издвоија како значајни, а не се во надлежност на општината, ќе бидат доставени до надлежните институции.фф/скс/

Остани поврзан