• понеделник, 23 декември 2024

Нови дрвореди во новиот парк во Мичурин

Нови дрвореди во новиот парк во Мичурин
Скопје, 5 декември 2020 (МИА) - Во новиот парк во Мичурин во Општина Аеродром се засадија 520 нови листопадни и зимзелни дрвја кои веќе напролет ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и ќе го раззеленат овој јавен простор кој до неодамна беше дива депонија. Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на прес-конференцијата истакна дека отворањето на нови квалитетни јавни простори и облагодарување на животната средина е негов императив и овде покажуваат како еден сериозно девастиран простор станува пристојно место за уживање на граѓаните - Оваа локација беше повеќедецениска дива депонија, од која годинава расчистивме 15.000 кубни метри отпад и подигнавме нова јавна површина на повеќе од 6.000  квадратни метри, која ја поделивме на прекрасен нов парк со детско игралиште и паркинг простор кој ќе го стопанисува ЈП Градски паркинг со што ќе се надмине проблемот со паркирањето на околните згради. Сега овој простор го раззеленуваме со нови дрвореди од 520 висококвалитетни дрвја, рече Шилегов. Тој истакна дека продолжува засилениот инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање на диви депонии на истите места каде што биле претходно и секое несовесно однесување со отпадот ќе биде санкционирано со цел да создадеме здрави навики и да живееме во чиста и здрава животна средина. Во овој парк засадено е и највисокото дрво за оваа сезона кое е високо 7,4 метри, а за многу кратко време дрвјата кои се засадени во овој парк ќе формираат широки крошни. Наскоро паркот ќе добие и соодветно осветлување и нови рекреативни содржини. Град Скопје согласно новите стандарди на квалитет продолжува со подигнување нови дрвореди составени од квалитетни дрвја со просечна висина од околу 5,5 метри коишто веднаш ќе се вклопат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот. Есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини. На засадувањето на садниците во паркот во Мичурин присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, директорот на ЈП„ паркови и зеленило“ Ардијан Муча и советничката во Советот на Град Скопје, Михаела Иванова.фф/вј/

Остани поврзан