Новиот премиер на Хаити вети дека ќе се бори за единство во земјата
- Новиот премиер на Хаити, Гери Конил, денеска, за време на неговото прво јавно обраќање по изборот, вети дека ќе се залага за единство во оваа карипска земја, која во последните неколку месеци е потресена од конфликти меѓу криминални банди.
Сан Хуан, 29 мај 2024 (МИА) - Новиот премиер на Хаити, Гери Конил, денеска, за време на неговото прво јавно обраќање по изборот, вети дека ќе се залага за единство во оваа карипска земја, која во последните неколку месеци е потресена од конфликти меѓу криминални банди.
Конил во говорот им се заблагодари на граѓанските организации, политичките партии и членовите на дијаспората кои го предложија за кандидат, велејќи дека е „многу почестен со изборот“.
Тој и претходно беше премиер на Хаити, од октомври 2011 до мај 2012 година, кога претседател на карипскиот остров беше Мишел Мартели. Конил сега се соочува со тешка задача бидејќи Хаити е под опсада од банди, кои контролираат најмалку 80 отсто од главниот град Порт-о-Пренс, додека земјата го чека распоредувањето на полициски сили од Кенија и другите земји кои ја поддржуваат мисијата на ОН.
Покрај изборот на премиер, Преодниот совет на Хаити има задача да организира и претседателски избори пред почетокот на 2026 година.
Членовите на Советот доцна синоќа за американските медиуми изјавија дека шест од седумте членови со право на глас го избрале Конил за премиер, додека седмиот член во моментов не е на Хаити и затоа не гласал.
Премиерот ја дели извршната власт со претседателството, кое е испразнето по атентатот врз претседателот Џовенел Мојс, во јули 2021 година. Неговата смрт остави вакуум во власта што криминалните банди почнаа да го користат подоцна истата година. сд/
фото:МИА архива