• понеделник, 23 декември 2024

Ниту камери не ги плашат несовесните поединци да оштетуваат урбана опрема и детски игралишта

Ниту камери не ги плашат несовесните поединци да оштетуваат урбана опрема и детски игралишта

Тетово, 15 октомври 2023 (МИА) - Со години постојат камери во тетовскиот Жена парк, но тоа не ги спречувало досега несовесните поединци речиси целосно да го уништат местото и опремата. Во 2017 година во времето на претходното општинско раководство заврши реконструкција на ова место и создавање парковска средина, но детските лизгалки, нишалки и слични реквизити одамна ги нема одамна затоа што неколку месеци потоа беа целосно уништени. Тоа е направено и со речиси сите клупи, канти за отпадоци, справи за вежбање.  

Последно поставеното инклузивно игралиште за деца во 2022 година од новото раководство, исто така е пред целосно уништување. Од десетина реквизити, само три-четири се во состојба за да можат да се користат од децата. Фрлените отпадоци ги има насекаде, а има и многу парчиња искршено стакло во тревнатиот дел, како и на поплочените патеки.

Иако поставени за надзор, камерите најверојатно не се ни искористени од општината и полицијата за наоѓање на сторителите. Според нашето истражување новото раководство не знае дека таму има поставено камери.

До Општина Тетово испративме прашања дали ги користи овие камери, за откривање кој ги оштетува опремата и детските реквизити, но од локалната власт посочија дека тие ги немаат поставено.

- Во врска со прашањето дека има камери поставено на локацијата наречена Жена парк и врз основа на снимките дали имаме побарано од полицијата да поведе соодветна постапка против сторителите на делото, Ве информираме дека, Општина Тетово во таа локација нема инсталирано камера, се вели во дописот на Секторот за инспекциски надзор добиен преку Канцеларија за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово.

Потрагата по тоа кој и зошто ги поставил тие камери во паркот, ја продолживме со прашања до полицијата. На ова прашање и до Секторот за внатрешни работи Тетово и до Министерството за внатрешни работи одговор добивме од портпаролот на тетовската полиција. Тие по новинарското прашање направија проверка и утврдиле дека МВР или СВР Тетово ги нема поставено овие камери.

Со цел да се утврди кој всушност ги поставил на оваа локација и со каква цел и намена, на 29 септември извршен беше комплетен увид, поставените камери беа фотодокументирани и СВР Тетово почна со мерки за целосно расчистување на случајот.

-Екипи на Секторот за внатрешни работи Тетово деновиве извршија увид  во Спортски центар-Жена парк  во Тетово каде биле пронајдени и фотодокументирани вкупно 14 видео камери поставени на електрични столбови и известувања дека местото е под видео надзор. По преземените мерки утврдено е дека камерите моментно не се во функција, а нив ги поставила тетовска фирма пред околу осум години кога се реновирал, односно преуредувал паркот, на иницијатива и со знаење на локалната самоуправа, со цел да се регистрираат евентуални оштетувања на опремата што се наоѓа на тој простор, информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Што се однесува до мерките и активностите кои Секторот за инспекциски надзор при општина Тетово, ги презема во случај на оштетување и уништување на урбаната опрема, јавната површина, детските игралишта добивме декларативен одговор што е можно да се направи, но без детали за Жена парк.

- Во случаите кога сторителите на делото се фаќаат на самото место или се идентификуваат преку фотографиите или какво било испратено видео, постапуваме со санкции со издавање на прекршочен платен налог. Во случаи кога сторители на делото се непознати лица, испраќаме Известување до Секторот за внатрешни работи – Тетово за фаќање и идентификација на несовесните лица, информираа од Општина Тетово.

Тетовската полиција исто ака нема најдено кој ги крши градските клупи и детски игралишта. Бележат пријави, но немаат резултати.

- Досега пријавено е едно оштетување на блокатор и на реквизитите во Жена Парк. Кон крајот на јули годинава го пријавила 26-годишна тетовка. Во тек е расчистување на случајот, се вели во одговорот на СВР Тетово.

Општината преку официјалната Фејсбук страница постојано објавува фотографии од несовесни постапки на поединци и бара да не се кршат урбаната опрема, клупи и други јавни добра. Месецов беа прикажани оштетените клупи на самиот плоштад.

- Вандализмот не треба да има свое место во 21 век. Но за жал, некој го уништува тоа што го правиме за нашето Тетово. А, ваквите неубави дејствија не му одат никому во прилог, напротив претставуваат една грда слика за нашиот град. Урбаната опрема е на сите нас, градот е заеднички. Ако не работиме заедно, тешко ќе го развиваме и ќе одиме напред. Апелираме до граѓаните да го чуваат градот, оти тој е дом на секој од нас. Се надеваме дека надлежните ќе ги пронајдат и казнат оние кои го нагрдија градскиот плоштад и дека повеќе нема да се случуваат вакви работи, порачаа од Општина Тетово.

Уништената урбана опрема има и долж рекреативната пешачка патека кон месноста Бањиче, паркот кај Шарена џамија, кејот на река Пена и други места.

Александар Самарџиев 

Фото : МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан