• четврток, 04 декември 2025

Никушор Дан положи заклетва како претседател на Романија

Никушор Дан положи заклетва како претседател на Романија

Букурешт, 26 мај 2025 (МИА) – Центристот Никушор Дан, кој победи на претседателските избори во Романија, денеска положи заклетва како претседател на земјата на заедничка седница на двата дома на парламентот.

- Романската држава има потреба од фундаментална промена, изјави тој по положувањето на заклетвата.

Дан ги повика Романците да продолжат да вршат „позитивен притисок“ врз државните институции за да се реформираат. Тој, исто така, увери дека ќе биде „отворен“ кон гласот на општеството како претседател.

- Ви благодарам за импресивната дебата што ја имавме во последните недели, без оглед на причината што ја поддржувавте. Романците од Романија, Романците од дијаспората, Романците од Република Молдавија – многу луѓе кои никогаш не се изјасниле за политиката, сега се изјаснија, покажувајќи дека се заинтересирани за насоката во која оди Романија, истакна тој.

- Романското општество само на себе си покажа дека е живо и силно. Романската држава има потреба од фундаментална промена, се разбира во границите на владеењето на правото. Ве повикувам да продолжите да учествувате со целата општествена сила што ја покажавте, за да вршите позитивен притисок врз институциите на романската држава, за да се реформираат. И ве уверувам дека ќе бидам отворен кон гласот на општеството како претседател и партнер со општеството, подвлече новиот шеф на романската држава.

Никушор Дан (55), досегашен градоначалник на Букурешт, победи на вториот круг од претседателските избори на 18 мај како независен кандидат против националистот Џорџе Симион со 53,60 отсто освоени гласови.

Тој е петтиот претседател на Романија по падот на комунистичкиот режим во 1989 година. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан